Во школскиот двор и во ходниците на скопското средно училиште „Орце Николов“ утринава можеше да се забележи раздвиженост. Учениците дојдоа на првиот училиштен ден и веќе ги земаа учебниците за претстојната учебна година.
Директорот Митко Димовски за Радио МОФ вели дека денеска од 8 часот вообичаено ги примиле новите ученици во прва година, без штрајкувачки одбори и слично.
„Кога дојдов на работа прво прашав, дали има колеги кои ќе штрајкуваат, или сакаат да штрајкуваат… нели, за да обезбедиме да има посебна просторија каде што ќе бидат. Никој не се изјасни дека сака да штрајкува, така што, годината си почна најрегуларно. Сега си тече, моментално и втора, трета година и четврта година се веќе дојдени. Така што, втори септември, понеделнички, почна без штрајк во гимназијата ‘Орце Николов’“, објасни Димовски.
Нашата следна дестинација беше основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ кое се наоѓа во непосредна близина, а ситуацијата таму беше многу различна од „Орце Николов“.
Наставникот по математика Витомир Лазороски, кој е и претседател на училишната организација на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), како и претседател на синдикалниот регион за Карпош, објаснува дека тие штрајкуваат и дека немаат никакви проблеми.
„Не штрајкуваат сите. Луѓето што се вработени на определено не штрајкуваат, бидејќи немаат решение, и ризично би било да штрајкуваат. Имавме определено група за прием на првачиња, но првачиња не дојдоа. Дојдоа само две, кои се повлекоа. Другите, сите што се наставници на неопределено и со решение, членови на СОНК, штрајкуваат“, изјави Лазороски за Радио МОФ.
Тој додава дека сите наставници се на работните места, но дека нема настава, како и тоа дека од утре регуларно почнуваат со школската година, бидејќи се работи само за предупредувачки штрајк.
„Мотивот за ваков штрајк е ниската социјална состојба на просветните работници. На пример, јас со 20 години стаж, имам плата од 22.500 денари што е реално малку за просветен работник. Човек што утре ја подготвува иднината на оваа земја, ја едуцира, упатува, човек на кој што децата и родителите му веруваат. Единствен мотив за штрајкот е јавната, бедна, социјална положба на просветните работници која е сведена на многу ниско ниво. И ние мораме да преживеме. И ние имаме деца. Треба да сме мотивирани и релаксирани кога ќе дојдеме на работа, а не да внимаваме на сè и сешто, каде ќе го потрошиме секој денар“, објаснува Лазороски.
Нагласува дека состојбата во повеќето училишта во Карпош, Ѓорче и Сарај е иста, а претпоставува дека во некои од училиштата се одржале приредби и слично за да се примат првачињата.
„Зборувам за основните, во средните училишта има поголеми отстапувања од штрајкот. Има плашење на членовите, се плашат сами најверојатно, не знам од што, затоа што ниту сме имале притисоци тука за да не се одржи штрајкот или од некого. Туку претпоставувам од некои болни искуства не сакаат да штрајкуваат“, завршува Лазороски.
Тој додава дека на последната средба, разговарале со министерот за образование и наука кој истакнал дека се расположени за зголемување на платите, но, како што вели, не било сè уште испланирано и дека не одговорил на двете главни прашања – колку и кога, по што членовите на Синдикатот се одлучиле да стапат во предупредувачки штрајк.
„Очекуваме на ниво на раководството на СОНК со Министерството за образование и наука (МОН) и останатите релевантни министерства во Владата да се договорат. Колку што јас имам информации, Владата во текот на оваа недела ќе разговара за ребаланс на Буџетот, и планирање на Буџет за идната година, така да очекуваме тука на тоа поле, да имаме успех“, потенцира Лазороски.
Став побаравме и од директорката на „Христијан Тодоровски Карпош“, која одби да даде изјава за Радио МОФ.
Во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во неформален разговор со една од професорките добивме информација дека штрајкува само една професорка, која е дел од Независниот синдикат за образование и наука. Таа, сепак, додаде дека професорите се солидаризираат со барањата за подобрување на состојбата на просветните работници.
Од СОНК велат дека штрајкот се одвива подобро од очекуваното и дека безмалку во сите региони се почитува нивната одлука. Оттаму додаваат дека има и некои исклучоци, посебно во средните училишта, но, како што велат, тоа се само индивидуални исклучоци.
„Во основното образование низ целата Република Северна Македонија, основните училишта се во штрајк. Регионалните одбори, од утрово, во Кочани и Гевгелија, во целост се во штрајк. Во Делчево има поединци, еден до двајца, на ниво на училиште, кои не ја почитуваат одлуката, меѓутоа тоа се исклучоци и за нас е занемарлива бројка. Од општините во Скопје, во Чаир и Бутел целосно се во штрајк и основните и средните училишта. Во училиштата во овие општини, и оние кои не се дел од синдикатот, се солидаризираа со останатите просветни работници“, изјавија од СОНК.
Од Синдикатот велат дека во училиштата во Центар и Кисела Вода ситуацијата е слична, но велат дека за разлика од Чаир и Бутел, во училиштата во Општина Кисела Вода тие што не се членови на СОНК не го поддржале штрајкот.
„Во Општина Карпош делумно некаде се работи, ама и толку очекуваме. Од 25, 26 илјади вработени целосно во основно и средно образование, дека ќе има исклучоци“, додаваат од СОНК.
Денеска, министерот за образование и наука Арбер Адеми, при посета на две училишта во Скопје изјави дека нема информација во колку училишта се штрајкува, но вели дека првиот училишен ден, во поголем дел, се одвива најнормално и дека така очекува и да продолжи.
Барањата на СОНК се однесуваат на зголемувањето на платите на просветните работници. Тие се одлучија на предупредувачки штрајк по средбата која ја имаа со министерот Адеми.
Мартин Колоски