Неколку серии од Киндер производите на пазарот во земјава од превентивни причини се повлекуваат, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Инспекциски служби на АХВ извршиле надзор кај операторот со храна „Атлантик траде“, увозник на производите од компанијата „Фереро“ од каде добиле известување со кое се информира дека од превентивни причини од пазарот се повлекуваат неколку серии од производите.
Па така, се повлекуваат сериите произведени чиј рок на употреба истекува на 3 октомври 2022, 23 август 2022, 2 јуни 2022, 7 јули 2022, 15 јули 2022, 11 јуни 2022 и 30 јуни 2022 година.
„АХВ доби и нотификацијата од Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, со која се алармира дека на пазарот во земјава е пласиран сомнителен чоколаден производ од овој производител. Врз основа на извршената инспекциска контрола, на компанијата увозник издадено и е решение со кое се забранува промет на призводи Киндер со лот L006LtB-NR, L330RtB-MJ, L2923RtDKX, L328RtD-M,L336RZD-MU, L302RO3, L321RO3. На операторот му е издадена и наредба да изврши отповикување на наведените лотови од производот и повлекување на количините кои се пласирани на пазарот“, соопштија од АХВ.
Потврда за итно, превентивно повлекување од пазарот на производи од овој бренд до Агенцијата испратила и компанијата увозник која известила дека од пазарот се повлекува производoт „260320 Kinder Schokobons“, серија L321R03, со рок на траење до 30 јуни годинава и серија L302R03, со рок на траење 11 јуни оваа година од производителот „Ferrero Ardennes S.A., rue Pietro Ferrero 5, 6700“, Белгија.
Истовремено, Агенцијата за храна и ветеринарство ги извести потрошувачите кои го имаат купено овој вид производ да не го консумираат и да го вратат на местото од кадешто го купиле.