Делбата на буџетите за независната култура на ниво на Град Скопје и Општина Центар, децентрализацијата на културата, недостатокот на стратегија и некомпетентноста беа дел од прашањата отворени на промоцијата на публикацијата „Културното дејствување на Град Скопје и Општина Центар“, која се одржа денес во КСП – Центар Јадро.
Во издание на КСП Центар Јадро, автор на публикацијата е Ѕвездан Георгиевски, додека како уредник се јавува Никола Гелевски. Во публикацијата е објавена целосната поделба на буџетите за независна култура, финансирани од Градот Скопје и Општина Центар за 2021 и 2022 година, но и наоди од авторот за тоа кои се проблемите кои произлегуваат од таквиот начин на поделба.
Според уредникот Гелевски, културните политики на двете најрепрезентативни локални власти во земјава, Град Скопје и Општина Центар, годишните буџети за култура на локално ниво се фрапантно ниски.
„Просечниот буџет за култура на Град Скопје за 2021 и 2022 изнесувал околу 200 илјади евра годишно. Овие средства се поделени во шест области – изведбени уметности, музички уметности, визуелни уметности и уметности на новите медиуми, издавачка и библиотечна дејност, музејска дејност, промоција на културно наследство и меѓународна соработка. Во 2021 година потпомогнати биле вкупно 300 проекти со суми од 300 до 1800 евра по проект“, се вели во публикацијата.
Дополнително, годишниот буџет за култура на Општина Центар во 2021 изнесувал нешто повеќе од 60 илјади евра, од кои за ученички стипендии се предвидени 11 илјади евра, а за културниот центар „Јадро“ околу 33 илјади евра. Остануваат околу 15 илјади евра годишно за сите можни културни програми и продукции.
Потребна е децентрализација
Според авторот Георгиевски, за да се зборува за културната понуда и можностите за културното дејствување во една локална заедница, мора да се земе предвид дека анализата е посветена на Град Скопје и поконкретно Општина Центар, но важен е и поголемиот контекст, односно потребата за децентрализирање на средствата за култура на територија на цела Македонија.
„По мене, основниот проблем е општествената поставеност на културата во државата. Ние имаме добра правна децентрализација, но тоа никогаш не изгледа така. Апсурдот е голем, имаме институција под државна капа, која не сака да помине под локална самоуправа плашејќи се за средствата. Институциите кои се под државна самоуправа во внатрешноста на Македонија, нон-стоп се бунат затоа што центарот, Скопје им ги одредува кадровските и финансиските средства“, истакна Георгиевски.
Тој на промоцијата се осврна на примерот со Струмица, односно протестите поради поставување на директор на локалниот Дом на култура.
„Голем проблем е што еден центар овде, Министерството за култура во конкретниов случај, би знаел подобро од струмичани што им треба како културна подлога или за кадровски решенија. Кога Театарот за деца и младинци отиде под капа на Град Скопје, се рашири револт кај вработените во Театарот дека тоа значи уништување на таа институција бидејќи е државна институција. Таков беше случајот и со театарот во Куманово и Велешкиот театар. На тој начин се прави фискална и културна нерамноправност“, посочи Георгиевски.
Авторот забележа дека на овој начин, не сите членови на заедницата, добиваат подеднакво културни услуги ниту подеднакво средства за култура.
„Сѐ е концентрирано во Скопје, многу малку автори од било која културна дејност можат да просперираат од внатрешноста. Многу, многу малку. Излегува дека некоја добра книга го интересира само читателот од Скопје, а не и читателот од Свети Николе. Можностите за Скопје, кои се минимални, се сепак една светлосна година повисоки од другите места“, изјави Георгиевски.
„Copy-paste“ решенија без иновативност
Централизацијата и поставеноста на Општина Центар, како центар на главниот град, посочува Георгиевски, ја прави една од најбогатите општини во државата.
„Културата, на централно ниво и во Градот Скопје и во Општина Центар се третира на начин, ‘па добро, мора и тоа’. Како култура се перцепира и ‘Дедомразијада’ за децата од Општина Центар. Од Град Скопје се тотално нетранспарентни, го барав буџетот за 2023, но не го добив. Кога ги прашувам советниците колку е одвоено за култура ме гледаат како да сум ги прашал колку има канали на Марс“, вели авторот.
Тој дополнува дека ниту Град Скопје, ниту Општина Центар, не го убедиле дека се консултираат со било кои луѓе од културната сфера.
„Може и да се види според податоците, кои се нивните решенија за поделба на средствата, безмалку се оди на „copy-paste“. Воопшто нема иновативност, нема амбиции, нема отвореност, нема желба некоја иницијатива посебно да се направи“, вели Георгиевски.
Интересен е и случајот на кој тој посочува – двете читални „Славко Јаневски“ и „Ацо Шопов“ во Општина Центар.
„Тие работат како некој параван, на некој начин. Немаат никаква активност. И во двете читални може да се направат барем еден ваков разговор. Или една дебата, промоција, било што. Велат дека нема интерес кај луѓето, но тоа е веројатно така бидејќи луѓето не ни знаат дека тоа се отворени простории за јавност“, истакнува Георгиевски.
Потребен е нов модел, сегашниот изгледа безнадежен
Во своето обраќање на промоцијата, уредникот Гелевски посочи дека културната структура на земјава е руинирана.
„Веројатно осамостојувањето беше зрело време за промена на моделот. Да се затвори тоа што треба, да се отвори тоа што треба. Ама ете, 30 години ништо не е направено. Мрежата е руинирана. Нас ни е потребен нов модел. Но, пред да се прават економските планови и стратегии, треба да се смисли модел. Нова инфраструктура. Се создаде цело едно општество од независни уметници, и културни работници, ама невидливи се“, вели тој.
Според Гелевски, постои парадокс дека нема управувачи, но сепак има. Додава дека најверојатно, има 100 луѓе што добро работат, што би смислиле стратегии, но истакнува дека тоа е мала бројка.
„Веројатно за тој модел и нова инфраструктура треба илјадници луѓе. За тоа се важни модели и стратегии, стратегии не се носат, зашто никој нема визија. Ништо не можеш да планираш ако немаш стратегија. За мене гаранција е компетентност. Творештвото е само делче од целото управување и дејствување. А Македонија е ко европско градче, село кинеско, милион и пол луѓе. Па човек си вика ‘па не е толку тешко тоа да се управува’, особено ако донесеш стратегија“, посочи Гелевски.
Тој додава дека моментално, Министерството за култура е толку моќно што ништо друго не постои во земјава.
„Секоја идеја за било каква промена тргнува од таму, а тоа е опустошено. И заради тоа на луѓето им изгледа безнадежно“, нагласи тој.
Мора да цели на радикалност
Георгиевски за Радио МОФ вели дека токму некомпетентноста е еден од најголемите проблеми на кои посочува неговата анализа.
„Тоа е првично предизвикано од општествениот третман на уметноста од страна на државата. Културата служи за партиско поткосурување, за ставање на кадри по институциите, министерствата се работа на политички коалиции и политички договори, а не се работа на културен развој, стратегија. Случувањата во МКЦ се поврзани со кадровската политика. Треба да се стави извесен човек за директор, а колективот не го сака“, вели тој.
Според Георгиевски, „гордиевиот јазол“ на кој упатува состојбата во културата, треба да се решава системски.
„Сѐ е поврзано. Проблемот е системски. Треба системски да се решава. Треба прво да се даде автономија на институциите. Да бидат автономски, како во цел нормален свет. Точно е дека се финансирани од буџет, но треба да се автономни. Јас немам ништо против директор да избира тој што плаќа, меѓутоа да биде прашан колективот. Директорот да биде поставен во договор со колективот. Системски и кадровски да се сменат работите. Ние имаме и пасивна културна сцена, да не кукаме само по државата“, истакнува авторот.
Горгиевски забележува дека во Македонија не постои „сквотинг“ култура. Се осврнува на љубљанската „Метелкова“, но и на слични примери во Риека и Загреб.
„Кај нас кампот Треска, во Радожда пропадна. Баш разговаравме и за тоа – зошто државата не го даде тој камп на меѓународна филмска младина. И не го дава зашто ќе гради нешто. Тука е и касарната ‘Маршал Тито’ во Илинден. Сега 40.000 квадрати ќе се продаваат за градење. Зошто овде не влезе герила акција и не ја окупира касарната. Да видам дали ќе не истераат после. Ние сме малку улегнати, па чекаме Министерство да ни даде пари“, вели тој.
Се надоврзува дека во една ваква ситуација, мора да се биде радикален.
„Гледаме како се однесува државата кон културата и мораме радикално да истапиме. Меѓутоа и ние не сме конзистентни меѓусебе. Поделени сме, издавачите се грижат за својот дел, филмаџиите за својот дел, никој не сфаќа дека заеднички се проблемите. И секој си го решава својот проблем како знае и умее, а тоа е во суштина либерализам, тоа ѝ одговара на државата. Во Македонија има неколку илјади културни работници. И кога ќе се поделат на двесте групации, нема ништо. Треба 1000 луѓе да влезат во ‘Маршал Тито’“, вели тој.
Кога станува збор за квалитетен пример за градење на културна стратегија, Георгиевски се повикува на Андре Марло, писател и француски министер за култура.
„Неговата стратегија за филмска уметност беше дека сценариото мора да биде француско, музиката мора да биде француска и нормално, режисерот мора да биде француски. На тој начин, рече дека ќе се развиваат и ликовната уметност, филмската уметност… И така се создаде Новиот француски бран. Имал некаква стратегија и ја направи Франција препознатлива по филмот, а плус исплатлива од филмот“, посочи тој.
И Георгиевски се надоврзува дека земјава нема стратегија за културниот сектор.
„Например, ‘Скопски џез фестивал’ не создава џез во Македонија. Носи џезери во Македонија. Тоа е во ред, тоа е покачување во културата. Ќе се инспирираат некои, ќе свират. Или на пример ‘Авалон’. Носи музичари во Македонија, не создава музичари во Македонија. Или ракометниот клуб „Вардар“ – тоа е во ред, ние сме горди европски шампиони, ама мора да работиме на продукција. Да се репродуцираме сами“, заклучува Георгиевски.
Позитивни примери и проекции за 2023
Во својата публикација, Георгиевски, како позитивен пример за соработка го посочува оној меѓу Општина Центар и КСП Центар Јадро, како пример во која насока треба да се движат работите. Сепак, останува отворено прашањето, пишува Георгиевски, за институционалниот капацитет на овој центар, во однос на можностите и ресурсите да опслужи што поголем број културни програми.
Но, додава тој, се чини дека Општина Центар, кога станува збор за буџетот, „се вадат“ преку Јадро.
„Голем дел од нивниот мал буџет го даваат во Јадро. И на тој начин, барем според мене, ги перат рацете. Имаме Центар Јадро, тие ја водат културната политика, ние сме задоволни од нивната работа и толку“, вели авторот.
Во заклучоците и препораките од уредникот Гелевски и тој се надоврзува на КСП Центар – Јадро, како можен пример за децентрализацијата и демократизацијата.
„Освен како значаен произведувач на квалитетни културни настани во општина Центар, Јадро може да помогне во едукацијата за културен менаџмент – нешто што очајно недостасува особено по македонските општини. Речиси не постои општина која има упатени луѓе за менаџирање во културата или за креирање културни политики. А компетентни луѓе по општините се предуслов за децентрализација и на полето на културата“, пишува Гелевски.
Тој се осврнува и на буџетски проекции за 2023, кои претставуваат наоди од публикацијата „Националните финансиски политики во културата наспроти економско-социјалните услови во работа на независниот културен сектор“, во авторство на економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, која ќе биде промовирана на 10 февруари во КСП Центар Јадро.
Според нив, веќе во 2023 година потребно е издвојувањата за култура во буџетот на РСМ да достигнат 0,7% од БДП.
Дополнително, во 2023 потребно е издвојувањата за годишните конкурси за проекти од национален интерес за културата да се зголемат на минимум 10% од вкупниот буџет за култура, а стратешки е потребно издвојувањата за култура следниве години да се приближат до 1% од БДП на земјава, пишува Јовановиќ.
Ивана Смилевска