„Ресторан ‘Парк’ 1970 – ∞ (специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989) – жртва на урбан криминал“. Овој текст, на бели листови кои симболизираат некролог, осамна на улиците во стариот дел на Охрид, во центарот на градот, во близина на општината, но и на просторот кој е ограден, истиот ден кога почна рушењето на ресторанот и дискотеката „Парк“ кои се наоѓаа на крајбрежјето на Охридското Езеро.
Изграден во 1970 година, ресторанот „Парк“ е наградено репрезентативно архитектонско дело на Павел Балабан на Биеналето на македонската архитектура во 1989 година, а преку некролозите, група млади охриѓани сакаат преку пример да побараат разум од целото општество.
„Ова не е порака само до инвеститорите и до општината, туку до цело општество, затоа што денес е ‘Парк’, утре ќе е некој друг објект. Треба прво да ја кренеме свеста. Моментално најзасегнати за ова се тие што се архитекти, затоа што другите, кој разбира, кој не разбира која е поентата и кое е значењето на еден таков објект кој некој го изградил…настрана од тоа што е наградуван и дека ние самите не си ги вреднуваме нашите богатства“, вели студент по архитектура, кој побара да остане анонимен.
Откако дискотеката и ресторанот се срушија пред неколку дена, на местото каде што треба да се гради хотел, Владата ја задолжи општината да превенира понатамошни градежни работи, но и да ја извести Владата за важноста на одобрението за градба на локацијата.
Сега, треба да се формира стручна комисија која ќе изврши увид во работата на Општина Охрид за процесот на издавање и спроведувања на одобрението за градење на локацијата и понатамошно да ја извести Владата.
Ваквите заклучоци доаѓаат откако министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Ирена Стефоска рече дека општините Охрид и Струга очигледно немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Па оттука, таа порача дека пред Владата ќе иницира да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.
„Парк“ не ја дочека неговата заштита и признание дека е Споменик на културата
Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ која будно го следи процесот од почетокот и која непосредно пред да стане тема на јавноста предупреди дека објектот ќе се руши и дека на местото ќе се гради нов хотел, што беше потврдено и три дена подоцна од градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, уште на 19 март, по дојава за рушење поднесе барање за итен инспекциски надзор на местото.
Оттаму за Радио МОФ велат дека пред два дена добиле одговор на нивната претставка до Инспекцискиот совет, односно, два дена по рушењето на објектот.
„Дека согласно ингеренциите, ја препраќаат до Општина Охрид, односно да биде проследена до овластен градежен инспектор. Инспекцискиот совет побара од градоначалникот на Општина Охрид за преземените дејствија и активности повратно да ги извести“, објаснуваат од „Охрид СОС“.
Неколку дена претходно, тие поднесоа и Иницијатива за прогласување на ресторанот „Парк“ за споменик на културата, но и побараа итна привремена заштита на објектот, за што добија поддршка и од ААМ.
„За иницијативата за прогласување на ресторан ‘Парк’ за споменик на културата и за прогласување итна привремена заштита на недвижното добро според Законот за заштита на културното наследство одговор добивме само од Владата, дека била препратена до Општина Охрид и Министерството за култура, каде ќе била разгледана. Во меѓувреме, се урна објектот, а погоре спомнатите локална и национална институција преку медиумите се препукуваа за ингеренциите и овластувањата“, велат од „Охрид СОС“.
Запрашани околу тоа што понатаму, откако „Парк“ е срушен, тие велат дека кога итно треба да се реагира кон граѓаните, бирократските лавиринти и слепи улици се погубни, додека кога тоа треба да се прави за инвеститорите, односно, како што велат, „оние кои ги спонзорираат партиите“, одлуките се носат веднаш, и како што велат, се е според закон.
„Попусти се изјавите на одредени политичари, вечни пратеници, на носители на јавни функции, кога не покажаа ниедно конкретно дело за да потврдат дека имаат вистинска волја за справување. Каде е министерката? Каде се институциите кои беа контактирани да ја отпочнат постапката за итна заштита на ресторан ‘Парк’? Си го преспаа викендот во своите удобни домови. Загриженоста нивна е лажна, лицемерна“, обвинуваат тие.
Случајот на ресторанот „Парк“ ќе биде документиран и претставен до меѓународните организации, велат од иницијативата. Истовремено, од „Охрид СОС“ потенцираат дека се во постапка за поднесување кривични пријави против охридскиот градоначалник и против инвеститорите, за како што велат, прекршување на конкретни закони и одредби.
„Институциите кои се дебело платени од народни пари одлучија да не преземат ништо. Медиумските балони се истушија мошне брзо“, додаваат тие.
Мартин Колоски