Во државата не постои центар за обучување на кучиња-придружници што ќе им помагаат на лицата со попреченост. Институциите, но и организациите, немаат точни информации колкав е бројот на лицата што користат куче како личен помошник.
Младиот Александар Велески од Скопје боледува од церабрална парализа. Пред пет години го добил кучето Бен, кој го следи низ неговите секојдневни активности. Бен му помага со носење на пазарлакот и при движење низ градот.
Но, неодамна доживеале непријатна случка на Водно. Тие биле спречени да се качат на жичницата бидејќи, според правилата, миленици се забранети во кабините.
Од Јавното сообраќајно претпријатие, за Радио МОФ, појаснуваат дека во тој момент не знаеле како да постапат.
Токму овој настан го поттикна претпријатието да донесе одлука со која на лицата со попреченост, ќе им биде дозволено да ги користат услугите со своето куче-придружник. Целта е во иднина да се избегнат вакви ситуации и апелираат да се следи нивниот пример.
„Се надеваме дека нашиот пример ќе го следат јавните институции, банките, кината, маркетите, трговските центри, се со цел, да им се олесни секојдневието на лицата со хендикеп придружувани од специјализирано куче за таа намена.“ – велат од ЈСП.
Лицата со попреченост ќе можат да се возат со куче придружник во автобусите на ЈСП и со жичницата
Одлуката на ЈСП беше поздравена од граѓаните и од семејствата на овие лица. Љупка Ристова од Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби вели дека кучињата играат важна улога во животот на овие лица.
„Колку што знам, не постојат центри за обука на кучиња-придружници кај нас и не го знаеме точниот број на кучиња-придружници. Процесот е скап и може да изнесува илјадници евра за тренинг на куче-придружник“ вели Ристова.
Според неа, не мора да постои одредена регулатива, за компаниите и институциите да можат да го следат примерот на ЈСП. Воедно, ги повикува граѓаните да имаат разбирање за лицата со посебни потреби и нивното куче-помошник.
Радио МОФ контактираше неколку тренинг центри за кучиња. Тие не се запознаени со тоа дали во државата постојат специјализирани обуки за кучиња-придружници.
Од Министерството за труд и социјална политика, пак, велат дека не водат ваков регистар, односно немаат податоци колку лица користат кучиња-придружници.
За Ема Ананиевска, дипломец на Факултетот за музичка уметност, која има оштетен вид, иницијативата на ЈСП е голем исчекор.
Таа веќе подолг период размислува за куче-придружник, но вели дека во Македонија сè уште не нашла соодветен дресер.
„Следниов период ќе одам во Хрватска, да поминам обука за ориентација во простор. Тренингот трае околу една година и се состои од три обуки за лицата со оштетен вид. Прво, оди дресурата на кучето, а потоа обуката на корисникот заедно со кучето, за да можат да се навикнат еден на друг и кучето да ги научи командите од сопственикот“, објаснува таа.
Нагласи дека обуката скапо ќе ја чини затоа што е странец, додека за државјаните од земјите на Европската Унија, трошоците паѓаат на товар на државата.
Ема е оптимист, таа смета дека ќе се подигне свеста кај луѓето, затоа што почнува да се зборува за лицата со попреченост.
За Александар и неговото куче Бен, се уште остануваат низа пречки во секојдневието. Неговиот татко, Зоран, ја поздравува иницијативата на ЈСП и се надева дека ќе се прошири и во приградскиот и железничкиот сообраќај.
„Александар нема пристап никаде, баравме во законот да биде дозволено на кучињата-придружници да им биде овозможен влез во театри, маркети, кино сали“ посочи тој.
Зоран потсетува на Конвенцијата за заштита на лицата со попреченост и бара поголемо ангажирање од страна на МТСП и Владата.
Мартин Колоски