Синдикатот на наставници од Унгарија вчера протестираше против новата наставна програма донесена во земјата, за која велат дека е дизајнирана од владејачката партија Фидез за ширење националистичка агенда и ограничување на академската слобода.
Протестите започнаа преку пораки на социјалните мрежи под слоганот „Нема да предаваме фашизам“.
Министерството за човечки ресурси ја најави новата наставна програма во петокот која треба да се користи во основните и средните училишта во земјата.
Една од контроверзните одлуки е што во програмата се именуваат 10-те најпопуларни унгарски писатели, меѓу кои се наоѓа Ференц Херцех, кој бил голем симпатизер на италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини, додека воопшто не се спомнува единствениот унгарски нобеловец за литература, Имре Кертеж, кој наградата ја доби во 2002 година за пишувањето за човечките искуства за време на Холокаустот.
„Проблематично е што образовната програма е заснована на идеологија, а не на професионални принципи“, велат од Наставничкиот синдикат.
„Оваа наставна програма очекува постојано изразување на морални и идеолошки погледи. Не остава никаква слобода за мислење, туку диктира што треба да мислиме. Вака, може да служи само како наставна програма на диктатура“, вели Ѓорѓи Фенјо, заменик директорот на Здружението на наставници по литература.
Премиерот Виктор Орбан, лидерот на Фидез, често е наоѓа под критики од Европската Унија и групите за човекови права поради бројните политики за кои велат дека ја нарушуваат демократијата и владеењето на правото во Унгарија.
Портпаролот на унгарската влада изјавил дека програмата ја подготвиле „најдобрите унгарски експерти по долга експертска дискусија“.
Досега, во сферата на образованието, Орбан ги ограничи слободите на Унгарската академија на науките и го принуди Централноевропскиот универзитет да ја напушти земјата.