Министерството за здравство се уште не соопштува датум кога би почнала изградбата на новата Градска болница на местото на Мајчин дом во Аеродром. Постапката за конкурс за идејни решенија заврши, а понатамошните фази ќе се спроведат согласно Законот за јавни набавки, имајќи предвид дека авторските права на наградените трудови се откупени.
Врз основа на проектот и предмет пресметката ќе се знае точно кога ќе биде почетокот и колку ќе трае изградбата на здравствениот објект. Toj ќе биде на приземје и четири ката, со максимална висина од 18 метри, на бруто развиена површина од 18.640 метри квадратни. Ќе никне до спорната парцела на „ЗСФ-Ком“ што деновиве е во фокусот во општина Аеродром.
Со конкурсот беше предвидено да има 20 амбуланти согласно специјалноста, болнички дел со капацитет за 240 пациенти, осум хируршки сали, комплетна лабораторија, радиолошки оддел со апарати за мамографија, компјутерска томографија, магнетна резонанца и рендген дијагностика.
„Конкурсот заврши. Доделени се награди, една прва, две втори и една трета за избор на најдобро идејно решение. Се работи за објект од секундарна здравствена заштита, односно за хируршка болница. Постојната градска болница би се дислоцирала и би се зголемиле одделите во новата градба согласно потребите и барањата на докторите од градска болница и граѓаните на град Скопје“, велат за Радио МОФ од Министерството за здравство.
Од таму дополнуваат дека сите хируршки гранки би се опфатиле според проектната програма и би работеле од 250 до 300 вработени.
„Место за паркинг е предвидено во рамки на градежна парцела, а согласно правилниците за потребно место за паркинг за објект за таа намена“, соопштува министерството.
Од Аеродром единствено велат дека маркичката за болницата е предвидена со ДУП И10, од Острово до Мајчин дом, донесен во 2017. Општината досега нема добиено барање за изградба на објектот. Не коментираат што би значела болницата од аспект на сообраќај и паркинг за вработените, пациентите, но и за локалните аеродромци.
Архитект Невена Георгиевска за Радио МОФ го анализира проектот. Смета дека локацијата е совршена во смисол на географска поставеност и покриеност на населението со правичен пристап, но маркичката не дозволува исполнување на светските норми.
Според Георгиевска, задоволувањањта на барањата на земјиште за болница зависи од многу фактори. Еден од нив е коефициент на изграденост на локацијата.
„Општо земено, утврдено е дека болниците развиени на површина од 2:1 ќе понудат пренатрупано место, високи згради блиску една до друга, многу малку отворен простор и голема количина на засенчување помеѓу зградите и гледањето на структурите една во друга или понудениот компактен модел на објект, кој пак од своја страна е комплициран и скап за развој, а тој се случува секојдневно, особено имајќи ги на ум новите технологии. Коефициентот на искористеност на локација предвидена за новата градска болница е 2,43“, објаснува таа.
Во однос на сообраќаен и пешачки пристап, потенцира дека во населените места ретко ќе се најде локација на најчесто прифатените површини (10000 до 20000 м2 на 100 кревети) достапни во населено место.
„Во случајот со предвидената градска болница за 240 кревети би биле потребни минимум 24000м2, што значи дека во однос на избраната локација треба да се преиспита бројот на болнички легла или пак да се бара поголема висина за истата за да може да се обезбеди потребниот простор. Сообраќајниот пристап е дефиниран од два крака и тоа: од булевар ‘Васко Карангелески’ – крак и од булевар ‘Јане Сандански’ – крак. Сѐ би било уредно во сообраќајните пристапи доколку паркирањето е решено на отворен паркинг, одвоен од влезот во болницата. Вака поставена болницата, со барање за решавање на паркингот во рамки на локацијата, го заглавува пристапот до болницата со коли кои чекаат за влез во подземните гаражи, на пристапни краци во должина од 100 тина метри, двонасочни и со широчина од 6,5м. односно без можност за пристап до објектот“, вели Георгиевска.
Според архитектката, за секој болнички кревет најверојатно ќе има најмалку еден посетител дневно. За секој болнички кревет ќе има најмалку 3 амбуланти пациенти кои доаѓаат во автомобили, такси. Оттука, нагласува таа, дополнителен паркинг треба да се обезбеди за вработените и персоналот кој по можност треба да се одвои од јавниот паркинг, а секако треба да се обезбеди и паркинг за велосипеди и мотори.
„Гаражното паркирање во подрумот, скоро и да го нема во препораките, од проста причина што голем дел од подрумите се потребни за сместување на сите оние функции кои не бараат директно светло, обемните технички простории, магацини и сл. Уште поважно, затоа што од аспект на квалитет на воздухот во објектите, гаражите се најважните микросредини во однос на изложеноста на луѓето на јаглероден моноксид“, анализира Георгиевска.
Очекува од надлежните институции да ги земат во предвид законски пропишаните 20% минимум од локацијата кои треба да се предвидат за зеленило. Исто така, споменува дека прелиминарното испитување на почвата, нивото на подземните води, особено околу планираното паркирање во неколку подземни нивоа ќе дадат свој придонес во одржливоста на предлогот за таквиот начин на решавање на паркирањето, односно уделот во целокупното чинење на болницата.
Истовремено, ја поздравува идејата на Министерството за здравство за дисперзирање на градски болници.
„Планирањето на неколку градски болници (уште една на сосема спротивна страна од градот, покрај оваа во Аеродром) е добар модел за намалување на притисокот кон терцијарното здравство, односно клиничкиот центар. Тоа ќе ја зголеми правичноста за пристап до истите и секако, ќе придонесе за разумен пристап кон за нашата земја најважниот проект или изградбата на клиничкиот центар, односно неговото репрограмирање, димензионирање и конечно чинење врз база на развиен систем на општи болници“, вели таа.
Деновиве и други архитекти се огласија околу болницата, запишана како објект во ДУП И10 со намена В2 – здравство и социјална заштита. Сања Раѓеновиќ Јовановиќ преку низа текстови за „Порта 3“ веќе пишуваше за јавната дебата по конкурсот. Таа деновиве ја нагласи и потребата да се размисли за соодветни решенија за двата објекти кај Мајчин дом – парцелата каде се организираа протести, и самиот објект за болницата.
„Едниот објект, станбената зграда е вметнат на единствената слободна површина на булеварот ‘Јане Сандански’, а болницата на државно земјиште кое им се нашло на тој потег. Собраќајниот пристап до објектите ќе претставува сериозен проблем, бидејќи се работи за зграда со околу 250 стана, што значи околу 300 паркинг места, а болницата е објект со голема фреквенција, бидејќи идејата е нели, да се растерети Клинички центар. Во непосредна близина е спортскиот центар ‘Јане Сандански’ кој го нема решено паркирањето за потребите на истиот, (Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање вели, паркирање во рамки на сопствена парцела, чл.61) и кој кога спортот во државата би бил на пристојно ниво (како до лани РК Вардар) создава не сообраќаен хаос, туку сообраќаен колапс“, пиша архитектката Раѓеновиќ Јовановиќ.
Инаку, првата награда на конкурсот за идејно решение за болницата ја доби проктантското биро „Радиус“, втора награда поделија бироата „БМА“ и „Ресурс ЛТДИ“ и трета награда беше за „Тетрактис“.
Бојан Шашевски