„Нема граѓанин во Македонија кој не го поврзува загадувањето со корупција“ – конференција на „Зелен Институт“

„Не секогаш можеме да го препознаеме како кривично дело. Mоже да биде на неколку нивоа. Mоже да биде на највисокото ниво во политиката каде што завршува со носење на закон по мерка, не носење на никаков закон, носење на политички одлуки за регулација кои што се во насока на нечиј интерес, или пак подолу во администрацијата тоа може да биде неспроведување на веќе утврдените политики заради некакви или нечии интереси“, вака објаснувајќи ја состојбата, Слаѓана Тасева, претседателката на „Транспаренси Интернешл“,  зборуваше за тоа како можат да се предвиди ризикот од корупција при планирање и спроведување  инфраструктурни проекти.

Во организација на „Зелен институт“, денеска се одржа конференцијата на тема „Корупција во екологијата. Како да ја препознаеме и како да делуваме?“. Под модераторство на Лилјана Поповска, онлајн конференцијата започна со забелешка дека  најголемиот загадувач на животната средина е корупцијата, која е главна причина за носење на штетните урбанистички планови, изградба на малите хидроцентрали и опасни рудници, на зделките со отпад.

На конференцијата, покрај Тасева, зборуваа и пратеничката Маја Морачанин, Васко Тодоровски од граѓанското здружение  „Зелена Лупа“ и адвокатката Соња Петрушева.

Тасева се надоврза дека моментално не постои граѓанин во Македонија кој не го поврзува загадувањето со корупција, додавајќи дека се наоѓаме во состојба на фрустрација и апатија.

„Сите ние го чувствуваме проблемот со заштитата на животната средина. Посебно сега, во овие денови кога мислам дека не постои граѓанин во Република Македонија кој што не го поврзува загадувањето или се она што ни се случува, големите нереди со непостоечките депонии, кој што не го поврзува тоа со корупција. Колку и да сакаме тоа да се уверуваме дека е начин на однесување, култура, или некултура“, додаде таа.

Според Маја Морачанин,  пратеничка и претседателка на ДОМ најчестите области за корупција во екологијата се  шумарството, водоснабдувањето, издавањето на лиценците за експлоатација на природни ресурси, енергијата и рударството.  Зборувајќи  за тоа како може политиката да допринесе во борбата  против корупцијата во животната средина, таа потсети на постоечката регулатива за борба со корупцијата и телата што се формирани, како и измените на законите кои водат кон поголема транспарентност во политиката.

„Ние во изминатиот мандат донесовме многу закони според Европски директиви, усогласени со европското законодавство, и во сферата на правосудството и во сферата на борбата со корупцијата – Законот за заштита од корупција. Се формираше Антикорупциска комисија, па е постигнат напредок во таа сфера“, нагласи пратеничката.

Таа посочи дека според бројни студии, корупцијата тесно се поврзува со нискиот стандард, односно, дека во посиромашните држави корупцијата е условно поизразена и е поврана со зголеменото загадување.

„Овие три компоненти одат заедно. Забележано е дека при зголемување на БДП во првите моменти се зголемува загадувањето, мислам дека ние сме во таа фаза на процесот, но потоа со зголемувањето на просперитетот, загадувањето се намалува“, додаде Морачанин.

Тодоровски Васко од граѓанското здружение  „Зелена Лупа“ зборуваше за неисплатливоста на малите хидроцентрали и ја појасни разликата помеѓу вложувањето на големи средства и малиот поврат, односно малата добивка. Според него ваквите активности укажуваат на коруптивен интерес.

„Вообичаено се прават површни студии, имаме лажни влезни и излезни податоци, имаме податоци дека тие немаат влијание на животната средина, ете – водата се уште тече, нема пресушени реки, флората и фауната не трпат штета, земјоделството функционира има  вода за наводнување, сточарството се зголемува,браните го зголемуваат туризмот – меѓутоа се тоа е само на хартија. Кога се работи за хидроелектраните имаме податок од Регулаторна комисија дека во 2019 година се дадени 15 милиони евра субвенции, а малите хидроцентрали задоволиле само 2.6% од потребната потрошувачка“, нагласи Тодоровски.

Адвокатката Соња Петрушева пак нагласи дека животната средина тука се уништува со законска и незаконска сеча на шума, поставување на мали хидроелектрани, со зголемена емисија на стакленични гласови, загадувањето на почвата и водите. Таа ја подели корупцијата на крупна, ситна и на административно ниво.

И.С.