Само два амандмани поднесени по препорака од О2 Иницијатива се прифатени во расправата за Буџетот за 2021 година во Комисијата за финансирање и буџет. Тоа се амандманите за акредитирање на државна лабораторија, но само за испитување на ПМ 10 честички, како и амандманот за ажурирање на Катастарот на загадувачи и загадувачки супстанци во воздухот. Предлогот на екологистите, во буџетот за идната година да се најдат пари за вработување на осум нови инспектори за животна средина и делумно пополнување на капацитетот на Државниот инспекторат, каде со години кубурат со овој тип на стручен кадар, не е прифатен. Иако велат се надевале на повеќе, активистите не се изненадени од третманот на еколошките прашања кога се однесува рапределбата на државните пари, објави Мета.
Со ваков буџет за животна средина нема да стигнеме никаде уште долго време. Министерство за животна средина за различни програми побарало од Буџетот за 2021 година 33.4 милиони евра, а Министерството за финансии им доделило за два ипол пати помал буџет, поточно 13.6 милиони евра. За колекторскиот систем – Охрид, доделени се 3.5 пати помалку пари за покривање на долговите за струја на „Проаква“, наместо 4.5, доделени се 1.3 милиони евра, додека за санација на колекторскиот систем наместо побараните 1.5 милиони евра, не се доделени никакви средства, односно нула денари. Скратени се парите и за хидросистемот на Дојранско езеро, отстранување на линданот, пречистителната станица во Јегуновце и пумпната станица во депонијата на Југохром каде е канцерогениот шествалентен хром, за изработка на просторните планови за скопски и полошки регион и националните паркови, за рехабилитација на загрозена група на деца од Велес, пречистителни станици…..На овој начин, еколошките проблеми нема да ги решиме ни до 2050 година“, велат екологистите.
Посочуваат дека сите одбиени амандмани биле оценети како конструктивни, но средствата кои се бараат за нив биле превисиоки, а во актуелната ситуација не можат да се предвидат со буџетот за идната година. Проблемите ќе се актуелизираат и во иднина и ќе се бараат и други начини за реализација на проектите.
„Амандманот за ажурирање на катастарот на загадувачи се однесува на изработка на локални катастри по поедини општини каде што состојбата со загадувањето на воздухот е сериозна. Ние побаравме за оваа намена да се одвојат три милиони денари, но добивме 100.000 денари“, велат од О2 иницијатива.
Екологистите велат дека одбивањето на нивните предлози нема да ги обесхрабри, туку ги поттикнува да најдат нови начини проектите од животна средина да се имплементираат. Во таа насока тие деновиве испратија дописи до Градот Скопје и повеќе општини за да набават филтри за домаќинствата кои користат фосилни горива за затоплување. Цената е стотина евра за еден филтер, па екологистите сметаат дека општините можат со набавка на неколку илјади вакви филтри, да ја олеснат транзицијата на семејствата кои немаат средства веднаш да преминат на поеколошко затоплување, а воедно и да ги намалат емисиите и загадувањето на воздухот.
„Мора да се активираат и општините и да одвојат средства од својот буџет на еколошки проекти и да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот. Во нашата земја има општини каде што буџетот за животна средина е нула денари со години наназад. Тоа во услови кога нашите градови се во топ 5 најзагадени во светот е недозволиво“, велат од О2 Иницијатива.