Намалување на часови за основците нема да има, учениците повеќе нема да учат во саботите, додека од прво одделение покрај одделенскиот, децата ќе имаат и наставник по Физичко и здравствено образование. Ова се предвидува со новиот Нацрт-закон за основно образование кој денеска го презентираше министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
Како што соопшти министерот, со новиот закон се предвидува и унапредување на наставниот процес и организацијата на наставата, зајакнување на недискриминацијата, забрана за понижувачко постапување за учениците и за вработените во училиштата, воспоставување принцип на целосна инклузија на учениците со попреченост, спречување на насилството и други девијантни појави во училиштата, како и елиминирање на политичките влијанија.
„Согласно препораката на Извештајот на ОЕЦД, новото законско решение не предвидува намалување на бројот на наставни денови, затоа што досегашната состојба покажува дека нашите ученици до 14 години добиваат над 900 часови помалку од нивните врсници во земјите членки на ОЕЦД. Што е еднакво на 1,5 години образование помалку. Ќе работиме поквалитетно да се организира времето поминато на училиште, со содржини и можности учениците да се вклучат во поголем број практични активности. Наставниот процес и понатаму ќе се утврдува со календар на настава, што значи дека часови во сабота нема да има бидејќи и досега се покажувало како непродуктивно“, рече Адеми.
Министерот посочува и дека останува нивната заложба да се намали бројот на ученици во паралелките. Со Нацрт-законот се предлага новиот праг да биде од најмалку 20 до најмногу 30 ученици по паралелка, наместо досегашните од 24 до 34 ученици.
Меѓу новините е и изборот на директорите во основните училишта, кој е предвидено да се врши по предлог од страна на училишниот одбор до градоначалникот, односно министерот.
За наставниците со закон ќе се регулираат неработните денови за време на зимскиот распуст на учениците. При што најмалку половина од траењето на распустот ќе бидат платени, неработни денови за наставниците. Овие денови нема да бидат дел од годишниот одмор на наставникот.
Новиот Предлог-закон е ставен за јавна расправа во наредните 20 дена кога ќе може да се доставуваат мислења, забелешки, укажувања.