Основната намена за развој на Г-1 не постои и е невозможна мисија во тој комплекс на Железара. Дека ќе се градат незагадувачки капацитети, од компатибилните намени за Г-2, Г-3, Г-4 е точно. Ама, точни се и податоците и дека се намалени можностите воопшто за Г-1 тешка индустрија од постоечките за 73 хектара. Преку 80 се ставени како зелени површини и хектари за заштитно зеленило, рече денеска градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгивски, откако вчера беше прекината расправата за ДУП-овите во оваа општина, а еко-активисти реагираа против можна еколошка катастрофа.
Георгиевски во гостувањето во „Утрински брифинг“ кажа дека во изминативе 60 години нема ниту еден ДУП за комплексот Железара, освен 17/1, кој до донеле. Според него, 60 години комплексот Железара опстојува во Гази Баба и Градот Скопје, а никој не се запрашал зошто не е донесен и на кој начин треба да се реши.
„Комплексот Железара во глобала е околу 400 хектара површина, од кои главно имаме намера, заедно со Градот и МЖСПП, во тој простор исклучиво да работиме на обврските кои ги имаме како зацртана цел. А, тоа се компонентите Г-2, Г-3 и Г-4. Лесна незагадувачка индустрија, производство и капацитети…“, рече денес Георгиевски.
Радио МОФ објави дека јавната расправа во Гази Баба беше прекината, уште пред да почне почне презентацијата на ДУП-овите. Георгиевски жали тоа што се случило вчера, од причина што ги нарушиле мерките и не постоело можност да се слушне било кој конкретен предлот и јавното мислење.
Тој твди дека јавна презентација била закажана пред 15 дена. Во меѓувреме стапиле новите мерки на Владата, меѓу кои беа и забрана за организирање и учество на конференции и настани од тој тип, почнувајќи од 6 април (вчера) до 20 април.
Радио МОФ од извори од Гази Баба дознава дека, додека ваквата расправа било решено да се одржи со физичко присуство, истовремено до општинскиот Совет стигнало задолжување од градоначалникот да се подготвува организирање на други настани – онлајн. Односно, онлајн седници на комисии и седница на Совет.
Сега, Георгиевски вели дека јавната презентација за ДУП-овите ќе продолжи, за што ја спомена онлајн платформата ЗУМ, каде би се вкчучиле сите чинители и јавноста. Ќе биде продолжена и анкетата за доставување забелешки за ДУП-овите „за 15 до 20 денови“, бидејќи сега рокот е до 29 април. Меѓувреме најави и јавна расправа за делот за Старо Скопје, а не ја отфрла можноста и за референдум за ваквите прашања.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денес на прес-конференција потенцираше дека ДУП-овите уште не се доставени на мислење до Град Скопје.
„Ние сме со став дека во нашиот град воопшто не е веќе потребна тешка индустрија. За жал, во некои други времиња било одлучено дека Железара треба да биде во срцето на градот. Градот нема согласност каква било тешка индустрија да се развие понатаму во рамките на комплексот на Железарница. Меѓутоа, ќе го дадеме нашето стручно мислење, комисијата на Градот, во моментот кога до нас ќе бидат доставени ДУП-овите. По редот на нештата тоа доаѓа после јавната расправа“, рече Шилегов.
Дејан Димитровски, активист и советник од Гази Баба, за Радио МОФ потенцира дека граѓаните не сакаат воопшто никаква индустрија во срцето на градот, ниту Г-1 загадувачка, ниту Г-2, ниту Г-3.
Потсетува дека тој лично заедно со екс директорот на Градскиот инспекторат Мирослав Бодгановски влегоа во фирма каде несовесно се постапуваше со отпад, увидоа многу неправилности, а потоа следеа препукување меѓу институции и префрлање на одговорност.
„Институциите потфрлаат за било какви индустрии. Точно е дека Г-1 е намалена, но ќе се даде можност за сервиси, магацини… Ние имаме проблем со институциите што ги контролираат. Граѓаните не веруваат во институциите и со тоа како активисти сме докажале повеќе пати. Кој контролира авто-сервис, колку пати сме сме влегле и сме увиделе дека се гори улје? Колку проблеми имаше со истекување, кој сносеше одговорност? Затоа, имаме цврст став дека не сакаме во срцето на градот било каква индустрија! Надвор – може. Нека се отвораат погони, треба народ да работи, не го чепкаме постоечкиот Г-1, никого не сакаме да бркаме од работа. Меѓутоа, не сакаме никаква индустрија во срцето на Гази Баба“, потенцира Димитровски.
Со ваков став веќе се произнесоа и активистите од „О2 Иницијатива“. И тие сметаат дека не смее да се дозволи отворање на нови индустриски капацитети. Ниту од тешка, ни од лесна индустрија, ниту пак складишта и др.
„Парцелите треба да се зазеленат и индустријата да престане да се шири во тој дел од градот. Ова го засега цело Скопје, не само жителите на Гази Баба“, рекоа од „02 Иницијатива“.
Бојан Шашевски