Сто дена откако почнаа, најдолгите анти-владини протести во Иран по револуцијата во 1979 година ја размрдаа власта и одзедоа многу животи.
Повеќе од 500 демонстранти, меѓу кои и 69 деца се убиени досега според организациите за човекови права. Двајца учесници во протестите беа погубени додека најмалку 26 други се соочуваат со слична судбина по судење кои според Амнести Интернешнал се „целосна фарса“.
Иако и порано имало демонстрации кои го зафаќале Иран – еднаш во 2017, кои траеја до почетокот на 2018 и уште едни во ноември 2019 – овие протести се поразлични бидејќи вклучуваат луѓе од сите делови на општеството, а како предводници се јавуваат жените под слоганот „Жени, Живот, Слобода“, пишува Би-Би-Си.
Сепак „Генерацијата Z“ беше на чело на сите овие протести претходниве 100 дена, давајќи отпор на строгите религиозни правила и поставувајќи нови трендови преку палење на шамиите со кои се прекрива лицето.
Еден од новите трендови меѓу младите демонстранти е и таканареченото „туркање на турбан“ – прикрадување зад шиитските свештеници, туркање на нивните турбани и бегање. 16-годишно момче беше уапсено минатиот месец под обвинение токму за вакво дело. Тој беше задржан 10 дена пред да биде ослободен. Два дена подоцна извршил самоубиство, кое според неговото семејство било последица на неговиот третман додека бил притворен. Член на семејството рекол дека додека бил во затворот, момчето било тепано со пендреци и му биле давани неидентификувани таблети.
A schoolgirl without a headscarf in Tehran knocks off a cleric’s turban & runs away. “#TurbanTossing is a campaign to protest against the symbol of access to the ruling system, privilege, corruption and oppression. #MahsaAmini #مهسا_امینی #عمامه_پرانی pic.twitter.com/rdwrTXQ2Nr
— Omid Memarian (@Omid_M) November 13, 2022
Дел од јавните личности во Иран презедоа неверојатни потези во поддршка на протестите, што водеше кон нивно апсење или егзил. На пример Таране Алидости, позната иранска актерка, е држена во озлогласениот затвор „Евин“ откако таа го осуди убиството на млад демонстрант. Претходно таа објави нејзина фотографија без задолжителната шамија преку лицето, додека држеше транспарент со слоган од протестите.
„Работев со Таране на четири филма и таа сега е во затвор поради нејзината правична поддршка на сонародниците и нејзината опозиција на неправедните казни кои се даваат. Доколку покажувањето таква поддршка е кривично дело, тогаш десетици милиони луѓе во оваа земја се криминалци“, напиша на Инстаграм Ашгар Фархади, славниот режисер кој заедно со Алидости го направија филмот „Продавачот“ кој освои Оскар.
Друга позната иранска актерка, која ја напушти земјата, Пега Агангарани, за Би-Би-Си вели дека двете страни се радикализирани – режимот во нивната пресметка и луѓето од филмската индустрија во нивниот одговор.
„Иран не може да се врати во ерата пред Махша Амини“, вели таа алудирајќи на младата жена чија смрт на 16 септември, додека се наоѓаше во притвор уапсена поради непочитување на задолжителното правило за покривање на лицето со шамија во јавност, ги поттикна протестите.
Еден од најпознатите фудбалери во историјата на Иран, Али Карими, кој живееше во Дубаи вели дека иранските разузнувачки служби му се заканиле дека ќе го убијат и поради тоа се преселил во САД. Тој е еден од најжестоките критичари на иранската актуелна власт на својот Инстаграм профил, каде го следат 14 милиони луѓе.