Протести низ повеќе европски држави избија по најавите за нови ковид-мерки по растот на случаите на заразени низ континентот.
Во Холандија демонстрантите фрлаа огномети кон полицијата, а илјадници граѓани се собраа да изразат незадоволство и на улиците во Австрија, Хрватска и Италија револтирани од новите забрани.
Во Холандија, втора вечер по ред, избија немири во неколку градови низ земјата. Маскирани граѓани запалија велосипеди на улиците во Хаг, а полицијата за брзи интервенции користеше коњи, кучиња и пендреци за да ја разбие толпата. Полицијата прогласи вонредна состојба во градот, додека најмалку седум луѓе биле уапсени.
Земјата воведе тринеделен делумен карантин од минатата сабота, откако регистрираше голем раст на ковид-заболени. Баровите и рестораните се обврзани да затворат во 20 часот, додека публиката е забранета на спортски настани.
Во главниот град на Австрија, Виена, исто така беа организирани протести откако владата најави нов национален карантин и планови за задолжителна вакцинација од февруари следната година. Со тоа стана првата земја во Европа што вакцинацијата ја направи законска обврска.
Демонстрантите на собирите можеа да се забележат како носат транспаренти на кои пишуваше „Слобода“ и „Отпор“.
Во Хрватска илјадници маршираа во Загреб бесни на одлуката за задолжителна вакцинација на вработените во јавниот сектор. На протестите физички беше нападнат и новинар на телевизијата РТЛ, а неколку други медиумски екипи беа вербално навредувани за време на нивното известување.
Во Италија пак граѓани протестираа во Рим поради одредбата за задолжително поседување ковид-сертификат на работните места, затворените објекти и јавниот транспорт.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека се многу загрижени за растот на случаи со коронавирусот во Европа. Нејзиниот директор, Ханс Клуге за Би-Би-Си изјавил дека доколку мерките не се заострат до следната пролет може да се очекуваат нови половина милион смртни случаи.
„Ковид-19 повторно стана причина број еден за растот на смртноста во нашиот регион. Знаеме што треба да се направи за борба со вирусот – вакцинација, носење маски и користење ковид-пропусници“, изјавил Клуге.