Ненад Алексиќ, Мој правен советник: Мора да има силен притисок од граѓаните врз општините

Македонските граѓани не се интересираат за тоа како општините ги трошат нивните пари, ама важно им е што прави градоначалникот. Исто така не се задоволни од информациите што ги добиваат од локалната власт, но немаат идеја како да ги подобрат работите. Ова се првичните резултати од анкетата што ја спроведува здружението Јус ет Јувентус, кое стои зад сајтот „Мој правен советник“, открива неговиот претседател Ненад Алексиќ.

Во анкетата која ја спроведуваат преку социјалните мрежи, најмногу одговори добиле од Скопје. Дури 77 отсто од испитаниците рекле дека не се задоволни со начинот на кој добиватат информации од своите општини .

„Тоа е една огромна бројка на незадоволни граѓани“, вели Алексиќ. „ Но, во делот од анкетата каде стои како мислат дека може опшината тоа да го подобри, го оставаат тоа место празно. Значи, граѓаните велат дека не се задоволни, ама не знаат како да се зголеми тоа нивно задоволство од функционирањето на општината“.

Тој појаснува дека нивната анкета покажала дека граѓаните најмногу се интересираат за  работата на градоначалникот. Тоа, вели, е разбирливо, бидејќи тој е централната фигура во општината. Сепак, додава малкумина ги интересира што прави советот,а уште помалку  се интересираат за тоа како се троши буџетот.

Со цел да ги запознаат граѓаните со правото законите и начините на интеракција со институциите, Алексиќ со четворица колеги, тогаш студенти на Правниот факултет, во 2016 година го формираат здужението. Неколку години подоцна, останува на ставот дека за да дојде до промени, неопходен е силен притисок на граѓаните врз институциите, почнувајќи од својата општина.

„Вистинската гласност може најмногу да излезе на виделина преку директен контакт на грагани со општина. Комуникација е секогаш двостран проблем, како што општината можеби сака да пренесе нешто до граѓаните, а не може, така и граѓаните не може секогаш да ја извлечат информацијата што им е потребна“, вели тој.

Со „Мој правен советник“ се обидуваат да ја олеснат оваа комуникација. Или, како што објаснува Алексиќ, граѓаните ќе мора да почнат да почнат да гледаат партнер во општините, ако сакаат да ги остварат своите идеи.

„Во тој случај, се повеќе граѓани треба да вршат притисок врз опшсе тината, да поднесуваат повеќе барања, да се интересираат за работата на градоначалникот, за советниците, за тоа какко се трошат нивните пари во општината. И затоа, ако имаме повеќе, би рекол општествено одговорни граѓани, општината сакала или не, ќе мора да се промени. Што повеќе граѓани вршат позитивен притисок врз општината, таа ќе мора да се менува и да биде поодговорна. Секогаш институцијата мора да се прилагоди кон барањата на граѓаните“, вели тој.

Од друга страна пак, запрашан за тоа дали на општините им одговара летаргичноста на граѓаните, Алексиќ ќе одговори:

„Им одговара оваа летаргичност, но прашање е само на време кога граѓаните ќе почнат да се бунтуваат против тоа што се случува околу нив. Ние имаме генерации кои се менуваат , и моето лично чувство е дека како што доаѓаат помладите генерации, ќе имаат се поголеми барања од институциите , од општините..Па прашање е на време кога тие ќе мора да го променат начинот на функционирање, затоа што цел на секоја власт е да остане на власт, а знаеме дека за да се остане на власт мора да се придобие гласачкото тело“, дециден е Алексиќ.

Тој смета дека општините мора да ги одржуваат своите веб сајтови, но и да отворат профили на социјалните мрежи како ФБ и Инстаграм за да им се доближат на младите. Затоа и „Мој правен советник“ активираа свој веб сајт, каде се ставени дваесетина најчесто користени обрасци што често им ги бараат граѓаните. Во однос на сопствената пасија, правото, вели дека е свесен за разнишањата доверба, но верува во промени

„Сметам дека правниот систем во мк е сериозно раннишан, но сепак дека може да се врати на вистинскиот пат. А тоа зависи од нас самите, од никој друг. Не можат нас да ни помогнат ниту странци, ниту експерти од надвор. Тие можат да влијаат, но сепак се зависи од нас, од граѓаните, и од тоа колку сакаме утре да се разбудиме во подобра држава“.

Ј.Ј.

Првична аудио верзија од темата е објавена во емисијата „Мегафон“