Неофицијално: Вината за протечените податоци на студентите е кај Машинскиот факултет

Грешка на вработен во Машинскиот факултет е причината за протекот на лични податоци на речиси 5 000 студенти од повеќе факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, дознава Радио МОФ од извори во факултетот.

Наместо да се испрати обична анкета до студентите кои оставиле свои податоци при онлајн регистрирањето во Центрите за кариера и развој на Машинскиот факултет, била испратена токму листата со нивните податоци, вели изворот кој сакаше да остане анонимен.

Преку официјалните мејлови на Машинскиот факултет беше испратена датабаза што содржеше податоци за студентите од типот: име и презиме, адреса на живеење, број на индекс, мејл, лозинка за мејлот.

Веднаш по протекувањето, серверите на факултетот беа исклучени, а Дирекцијата за лични податоци (ДЗЛП) започна истрага. Но, случајот се затаи, а одговорот на прашањето чија е вината, се уште не се знае.

Пред речиси еден месец, од ДЗЛП информираа дека се подготвува соопштение за јавноста, иако до денес се уште не сме го добиле. Дополнително, телефонските линии на Дирекцијата се недостапни.

„Се почитуваа законските рокови за постапката на вршење надзор по што следи информирање на јавноста. Впрочем веќе подготвуваме соопштение за јавноста кое набрзо ќе биде испратено до медиумите. За таа цел, Ве молиме за трпение и одговори на прашањата ќе добиете со испраќање првин на соопштението до јавноста“, стои во мејлот испратен од дирекцијата до Радио МОФ на 9 март.

Деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, во претходно интервју за Радио МОФ рече дека до крајот на истрагата не може точно да се каже каде настанал проблемот, но вети дека ќе ја преземат вината доколку се покаже дека е нивна грешка.

„Ако ние сме погрешиле во нашите процедури, секако дека Факултетот ќе си ја носи одговорноста. Ако била намерна грешка, или упад, тогаш секако ќе трагаме за да видиме за што станува збор и ќе го лоцираме виновникот. Ако на крајот се сведе на некаква интерна грешка, ќе се открие чија е таа грешка и како настанала, па секако тој ќе си ја носи одговорноста“, рече Данев во интервјуто.

Е.П.