До 31 октомври ќе биде поставена изложбата „Неонска рефлексија“ на којашто во излозите на Францускиот институт и кафе-барот Нано во Скопје се претставени инсталации од македонскиот уметник Антонио Пирковски.
Илустрирајќи го градот како отворена галерија преку уметност прикажана во излозите, идејата е да се поттикне комуникација помеѓу пошироката публика и уметноста, притоа, овој пат, раскажувајќи мултидимензионални приказни за трансхуманизмот и технолошката еволуцијата на човештвото преку неонската рефлексија.
Кураторот на изложбата, Кристина Глигоровска, објасни дека уметничките инсталации го отсликуваат современиот пристап кон создавањето на скулптурални дела, генезата на универзумот, трансхуманизмот, како и човекот на денешницата во процесот на трансформација во сајбер-човекот од иднината.
„Клучниот елемент во делата е неонската светлината, која во излогот на Францускиот институт ја рефлектира пораката за испреплетената природа на уметноста, знаењето и модата која е моќна алатка за визуелизација на иднината, додека во излогот на кафе-барот Нано е отсликана симбиозата помеѓу уметноста, науката и технологијата,” додава Глигоровска.
Изложбата „Неонска рефлексија“ е активност од проектот „Излогот како уметнички медиум“ во реализација на галеријата Акантус и Здружението за промоција на визуелната култура – Студио Вирту.
Специјален гостин на проектот беше Солин Д’Абовил, светски познат дизајнер, сценограф и специјалист за креирање на излози, основач на агенцијата „Manymany“ во Париз и креаторка на некои од најкреативните излози во светот.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија, Францускиот институт и кафе-барот Нано.