Викендов беше поставена, еден ден подоцна непознати сторители ја уништија еколошката елка која ја изработија младите активисти од Тетово, помогнати од членовите на Медиа арт клубот на МОФ од овој град. Сега се разочарани, велат со елката сакавме да укажеме на потребата од подигнување на еколошката свеста кај младите, но ова е знак дека треба уште многу да се работи.
„ Успешно ја реализиравме иницијативата, но непознати сторители на вандалски начин за нецели 24 часа ја демолираа елката. Но ние ќе продолжиме со ваквите иницијативи. Преку овој чин, тетовци иако дишат најзагаден воздух и живеат до депонија, уште еднаш покажаа дека свеста кај нив за овие проблеми е на многу ниско ниво. Овој настан нема да не обесхрабри, туку ни дава поттик за нови иницијативи“, велат од клубот.
Новогодишна елка која беше поставена во центарот на Тетово младите активисти ја изработија од стари пластични шишиња.
Идејата за поставување на новогодишна еколошка елка уште повеќе дојде до израз по реализацијата на работилницата за „оживување“ на стариот отпад, по што шишињата наместо да завршат по улиците на градот, беа искористени за да се направи интересна креација, на која пак граѓаните можеа да испишуваат и новогодишните желби.
Фото: Бобан Костадиновски