Нереди во Белград по најавата за враќање на полицискиот час – повредени и полицајци и демонстранти

Запалени контејнери и полициски возила, ѓубре на улиците, скршени сообраќајни знаци и прозорци, е сликата по синоќешните нереди во Белград. Она што започна како обичен протест против најавите за враќање на рестриктивните мерки поради зголемениот број случаи со коронавирус во Србија, во 2 часот по полноќ кулминираше во остар судир помеѓу полицијата и демонстрантите. Епилогот е 43 повредени полициски службеници и 17 повредени учесници во протестот, додека 23 лица се приведени. Меѓу нив е и Дамњан Кнежевиќ, кој се претпоставува дека е организатор на протестот.

Што се случуваше синоќа во Белград?

Група граѓани првично се собраа пред српскиот Парламент во знак на револт откако претседателот Александар Вучиќ најави дека го враќа полицискиот час. Но, набрзо дел од нив влегоа во објектот за по 15 минути да бидат исфрлени од полицијата.

Во текот на протестот, полицијата во неколку наврати употреби солзавец за да ги растера демонстрантите, но кулминацијата се случи околу 2 часот наутро.

Како засилување, беше повикана и полициската коњаница пред српскиот Парламент. Како што известуваше Н1, во еден момент, демонстрантите успеаја да ја истуркаат полицијата на коњи со факели. Пред Парламентот, полицијата собори еден од демонстрантите и го претепа со палки, а потоа го однесе.

Демонстранти се собраа и пред зградата на РТС. И таму полицијата употреби солзавец за да ја отргне насобраната маса луѓе, а во меѓувреме неколку паркирани полициски возила беа запалени во близина на црквата Свети Марко.

И по трет пат демонстрантите решија да тргнат кон Парламентот, кога полицијата истрела ракети на поголема оддалеченост и физички се судри со демонстранти за да ги истурка кон околните улици.

POLICIJA PENDRECIMA BIJE MUŠKARCE KOJI SEDE NA KLUPI

Policija je sinoć u Pionirskom parku u Beogradu pendrecima tukla muškarce koji su mirno sedeli na klupi.Još jedan snimak koji je poprilično šokirao domaću i svetsku javnost.

Posted by N1 Srbija on Wednesday, 8 July 2020

По околу 15 минути, полицијата успеа да ги избрка од улицата пред Парламентот, а демонстрантите фрлаа камења, шишиња и лименки кон полицијата.

Меѓу демонстрантите имало и опозициски политичари, но тие останале пред Собранието кога дел од собраните влегле во Парламентот, пренесуваат српски медиуми.

Утрово на улиците кои водат до Парламентот има полициски кордони за да се спречи повторно враќање на демонстрантите, пренесува АлЏазира. Според директорот на полицијата Владимир Ребиќ, синоќа биле запалени пет полициски возила, а повредени се три коњи на полицијата. Тој истакна дека полицијата ќе изврши анализа и ќе утврди кој е одговорен за организација на протестот.

Државниот врв за нередите

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека остро го осудува „вандализмот на политичарите што стојат зад насилниот упад во српскиот Парламент во време кога државата и здравствениот систем се соочуваат со најтешкиот удар на вирусот Ковид-19 од почетокот на пандемијата“.

„Бидејќи не можеа да влезат во Парламентот на изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилно лице, обидувајќи се да добијат политички поени во најголемата криза на планетата од Втората светска војна“, изјави Брнабиќ во писмена изјава минатата вечер.

„Државата и сите нејзини институции ќе го штитат правниот поредок, како што тоа се прави во секоја демократски организирана земја“, рече Брнабиќ.

Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ остро го осуди обидот за упад во Парламентот.

„Ги повикувам сите граѓани да бидат одговорни и сериозни! Ги повикувам сите граѓани да не прибегнуваат кон какво било насилство! Носењето маски, почитувањето на растојанието и одговорноста за сопственото здравје и здравјето на другите е единствениот начин да се борите против избувнувањето на епидемијата на коронавируот“, се вели во соопштението на Михајловиќ.

Вчера во текот на денот, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека поради алармантната состојба во Белград со Ковид-19 се воведуваат повторно рестриктивни мерки како забрана за собирање на повеќе од пет лица и во затворено и на отворен простор. Од петок, пак, почнува долг полициски час, кој ќе трае до понеделник.

Тој порача дека ситуацијата во Белград е алармантна, а сериозна е во уште четири града. Исто така појасни и дека болниците каде се третира Ковид 19 се преполни.

Во изминативе 24 часа, во Србија се регистрирани 299 нови случаи на коронавирус, а 13 лица починале. Од појавата на Ковид-19 во оваа држава, заболеле 16,719 граѓани, а починале 330.