Стриминг гигантот Нетфликс ги намали цените во повеќе од 30 земји, додека се обидува да привлече повеќе претплатници, јавува Би-Би-Си.
Цените се намалени во делови од Азија, Европа, Латинска Америка, субсахарска Африка и Блискиот Исток. Оваа одлука доаѓа во време на растечки трошоци на живот, а додека Нетфликс се соочува со зголемена конкуренција од ривалските сервиси.
„Членовите никогаш немале повеќе избори кога станува збор за забава“, изјави портпаролот на компанијата за Би-Би-Си.
Некои од земјите во кои се намалени трошоците за претплата се Малезија, Индонезија, Тајланд, Филипини, Хрватска, Венецуела, Кенија и Иран.
Намалувањата се однесуваат на одредени пакети, при што трошоците за претплата се намалуваат за половина во некои случаи.
„Секогаш истражуваме начини да го подобриме искуството на нашите членови. Можеме да потврдиме дека ги ажурираме цените на нашите пакети во одредени земји“, рече портпаролот на Нетфликс.
Компанијата која нуди услуги во повеќе од 190 земји, се соочи со зголемена конкуренција од ривалиските сервиси како „Амазон“, „ХБО“ и „Дизни“.
Инаку пред околу две недели, Нетфликс ја намали цената за претплата и во земјите од Балканот, вклучително и во Македонија. Па така, основниот пакет сега чини 5 евра месечно. Стандардниот пакет , наместо 10, сега чини 8 евра, додека премиум пакетот чини 10 евра.
Нетфликс ја намали претплатата за корисниците во земјава и Балканот