Нетфликс започна соработка со Мајкрософт со цел да понудат поефтина претплата за корисниците која ќе вклучува пуштање реклами.
Стриминг сервисот информираше дека оваа нова услуга ќе биде додадена на нивните постоечки претплати кои не вклучуваат реклами.
Денеска од компанијата соопштија дека го избрале Мајкрософт како нивен главен партнер во продажна и рекламна технологија со кој ќе понудат „претплата со пониска цена која ќе биде поддржана со реклами“.
„Мајкрософт веќе има докажано дека може да ги поддржува нашите рекламни потреби додека работиме заедно на изградба на нов план кој ќе биде базиран на реклами. Уште поважно е тоа што Мајкрософт понуди флексибилност да можеме да правиме иновации со текот на времето и во технологијата и во продажбата, како и силна заштита на приватноста на нашите членови“, изјави главниот оперативен менаџер на Нетфликс, Грег Питерс.
Во април, акциите на Нетфликс забележаа пад по извештаите кои покажаа дека платформата загубила претплатници за првпат по една деценија.
Минатиот месец извршниот директор Тед Сарандос изјави дека компанијата преговара со други ентитети за да најде начин да се наметне кај публиката која бара пониски цени. Од Нетфликс не соопштија колку ќе биде цената на новиот вид претплата за корисниците.