– Иднината е веќе тука, само што не е подеднакво распределена.
Вилијам Гибсон
Небото над пристаништето беше во сива боја, подесено на мртов ТВ канал (The sky above the port was the colour of television, tuned to a dead channel). Ова е првата реченица од Neuromancer, првиот роман на канадскиот писател Вилијам Гибсон, а воедно и прва книга од првата трилогија на овој автор насловена The Sprawl Trilogy.
Neuromancer излезе од печат во 1984 година, и како дебитантски наслов на Гибсон направи еден голем подвиг – предизвика огромен интерес кај читателската публика на научна фантастика, популаризирајќи еден сосем нов поджанр на научна фантастика наречен сајберпанк, етаблирајќи го Гибсон во високите кругови на тој литературен правец, по што успеа да ги освои и трите главни награди за НФ литература – Hugo Award, Nebula Award и The Philip K. Dick Award.
И, како по природа на обичајот, токму Neuromancer беше топ тема во првата епизода на мојата емисија „Поларис“, радио емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која од 2014 година плови во етерот на Радио МОФ, па затоа морав да му оддадам почит и во новиот формат во кој се префрлив, во светот на пишаниот збор. Има повеќе причини зошто, само ќе се задржам на побитните:
– Нов правец базиран на трендовите во 80тите години од 20-от век. Јапонија забрзано се модернизира, економијата рапидно и расте, а секој град постепено прераснува во свој мегалополис со изглед кој е пофутуристичен од било кое друго место во тоа време. Приватните компании се стекнуваат со се поголем профит и нивното влијание се чувствува во речиси сите сфери на општествениот живот, благодарение на слабите реакции на се понемоќните држави.
– Концептот на High tech – low life, рапиден развој на технологијата во многу полиња, посебно во областа на компјутерската технологија и вештачката интелигенција, доведувајќи до неминовно раслојување на класите, каде мал број на богати луѓе ужива во сите придобивки што може да ги понуди сегашната технологија, додека на другата страна на оградата се наоѓаат преостанатите, сиромашни граѓани, кои се снаоѓаат како умеат, со помош на економично достапна технологија.
– Антихерој со свој уникатен моден стил инспириран од панк сцените во САД и Велика Британија, потпомогнат од новата достапна технологија да се спротивстави на системот манипулиран од големите корпорации.
Овие делови во целина го сочинуваат сајберпанкот, еден нов правец во светот на научната фантастика чие влијание силно се чувствува во последните 40 години, од филмови (Robocop, The Matrix, Johnny Mnemonic), до видео игри (Deus Ex, System Shock, Shadowrun, Cyberpunk 2077). Иако за сајберпанкот знаеме како поджанр од 80тите години на дваесеттиот век, сепак Вилијам Гибсон не е негов основоположник, туку повеќе доаѓа како Џон Толкин, поврзувајќи различни елементи од секакви медиуми, претежно инспириран од Филип К. Дик и noir детективските филмови на Хемфри Богарт.
Хенри Кејс е high tech, low life Хемфри Богарт кој го живее својот живот на маргините во Чиба Сити, Јапонија, потсетувајќи се на старите денови кога бил запаметен како истакнат хакер и конзолашки каубоец, чија кариера завршува неславно откако ќе се обиде да го измами својот работодавач. Како казна, во телото на Хенри е вбризган токсин кој му оневозможува да влегува во виртуелниот компјутерски простор, по што Хенри се повлекува и ги троши своите преостанати пари на она што најдобро го знае – да се дрогира како бегство од реалноста дека е лишен од она што најдобро го прави. Еден ден ќе се најде во небрано откако ќе западне во неволја со локални криминалци на кои им должи пари, но ќе биде спасен од девојка жилет (аугментирана девојка со механички раце со вградени сечила) која ќе му се претстави под името Моли Минионс и која ќе му даде единствена понуда: да прифати да работи за Џејк Армитаж, поранешен офицер во американската војска. Доколку прифати, Кејс ќе биде излечен за да може да продолжи со својата работа како хакер.
Neuromancer ги има сите елементи на детективска приказна како што претходно наведов, со соодветни прилагодувања. И како таква, таа приказна брзо би паднала во заборав, а Хенри Кејс би бил само уште еден лик во низата на осамени антихерои чие дејствие е антиавторитарно во круг од кој навидум не може да се излезе. Меѓутоа тоа е далеку од вистината во случајот со овој роман. Најистакнатиот дел од Neuromancer е изобилството на технолошкиот уличен жаргон кој е преполн со уникатни зборови, кои го поттикнуваат интересот на читателот да знае што е можно повеќе за самата технологија. Сигурно на повеќето им е познат зборот Матрикс кој асоцира на самиот акционен филм со Киану Ривс и Лоренс Фишбурн, но Матрикс е името на интернетот или киберпросторот во Neuromancer кој повеќе е опишан како виртуелен простор во кој можеме да влеземе со помош на VR сет (Oculus Rift е најдобриот пример во нашиот свет). Ова е само еден пример во плејадата на технолошки остварувања кои ги среќаваме на различни страници, а чиј опис припаѓа на нешто што веќе е дел од нашата реалност, додека некои се сеуште во фаза на истражување (секојдневната достапност на интернетот, експериментите со VR технологија, вештачки раце и нозе за помош на лица со инвалидитет, вештачка интелигенција која не надминува на различни полиња). А техно-речникот ги сочинува темелите на атмосферата на градовите во кои Кејс патува и престојува. Небото над пристаништето беше во сива боја, подесено за мртов ТВ канал сигурно спаѓа во списокот на највпечатливите први реченици, а од тој момент полека се одмотува клопчето за да ни до долови микросветот на Чиба Сити, град на иднината, кој истовремено е и град на небиднината, место импозантно со накрцано население и мали суши барови на секое ќоше, каде секоја механичка надградба кај секој човек открива своја приказна за обидите да се најде сопствено место под сонцето, блокирано од високите облакодери и смогови од блиските индустријални центри. Може да се каже дека првенецот на Вилијам Гибсон сјае помалку со приказната како своја посебност, но сјае повеќе со другите аспекти кои се вткаени во целината. Еден редок пример каде „дрвата се гледаат подобро од шумата“.
Успехот на литературната сцена го инспирираше Гибсон да напише уште две книги во светот на Хенри Кејс. Станува збор за Mona Lisa Overdrive и Count Zero, меѓутоа и овие делови делуваат како самостојни приказни и се неопходни повеќе да го разбереме функционирањето на светот на Neuromancer.
Како што се приближувам до крајот, сигурно се прашувате дали Neuromancer има своја филмска, сериска или било каква адаптација. Одговорот е: не. Што поради истечени авторски права и лиценци помеѓу компании, што поради амбициозноста да се најде прифатлив начин да се адаптира оваа необична проза. Но низ годините секогаш се наоѓал писател, или режисер, или девелопер кој зел посебни аспекти од телото на романот и ги подновил со посовремен изглед, па затоа нека не ви биде чудно што во одредени филмови, серии, стрипови, книги или видео игри може да се најде по нешто од душата на Neuromancer.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.