Обезбедувањето на државниот тетовски универзитет спречило и задржало неколку студенти кои стојат зад основањето на новата Независна студентска организација, јавува телевизијата Алсат-М. Цел на новоформираната студентска организација се промени во работата на актуелниот Студентски парламент. Според тврдењата на студентите, двајца од нив обезбедувањето ги задржало во просториите на универзитетот повеќе од еден час.
Студентите делеле летоци со прашања: дали постои Студентскиот парламент? Како е избран Студентскиот парламент? Кои се членовите на Студентскиот парламент итн. По овој настан, студентите биле повикани од секретарот на Универзитетот кој на двајца од нив им ги одзел индексите.
„НСО е студентска организација која сака да врши разни студентски активности. Нашата денешна активност беше делење летоци во кои се наоѓаат неколку прашања и барања. По завршувањето на активноста бевме повикани од службени лица на ДУТ. Имавме средба со секретарот каде ги кажавме нашите барања и што планираме да правиме. Тој ни ги запиша имињата, а на двајца студенти од организацијата им ги задржа индексите. Ни кажа дека ќе бидеме во контакт и оти ги прекршуваме правилата на ДУТ и оти за тоа може да нè дадат на дисциплинска комисија“, вели Денис Рауфи, од Независната студентска организација.
Утре се очекува претставници на Независната студентска организација да се сретнат и со ректорот Вулнет Ахмети. Инаку, оваа организација има за цел да направи, како што велат оттаму, суштински промени на ДУТ, за во него да се формира вистински студентски парламент, кој нема да се назначува од горе, туку преку непосредни студентски избори. Велат дека така би се залагале за решавање на тешките услови на студентите и заштита на нивните права, стои меѓу другото во барањата на организацијата.
Претходно, управата на ДУТ им наложи на сите студенти да плаќаат задолжителна такса од 100 денари за членство во Студентскиот парламент, што и беше директен повод за незадоволството кај студентите. Иако давачката е спротивна со правилата на Универзитетот, управата одби да ја повлече, а министерот за образование Абдилаќим Адеми изјави дека ДУТ има автономија да донесува свои одлуки.