Зголемувањето на платите на просветните работници да биде слично или исто како тоа кај вработените во градинките, побараа денеска претставниците на Независниот синдикат за образование и наука.
На пресот кој се одржа пред Министерството за образование и наука, потпретседателот на синдикатот Енвер Ајдини истакна дека платите на просветните работници се под државниот просек и стојат во место, освен незначителното ланско зголемување од пет отсто. Тоа покачување, рече Ајдини, не ги реши проблемите во образованието, а наставниците се на маргините на егзистенцијата и немотивирани за работата.
Од Независниот синдикат за образование и наука соопштија дека заедно со Конфедерацијата на синдикални организации ќе ги планираат идните чекори, а истовремено најавија дека ќе упатат барање за средби со претставници на Министерството за образование и наука и министерот Адеми Арбер.
Платите на стручниот кадар во градинките, почнувајќи од јуни годинава, пораснаа за околу 15 %, или по околу 3.000 денари по вработен.