На половина од активностите по повод роденденскиот месец, независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, ја заокружува третата година независност и постоење.
Во сабота (25.02) и недела (26.02) на репертоарот е претставата „Разнесени“, дуодрамата „Грета“ ќе гостува во Македонска Каменица во среда (22.02) и во Кавадарци(27.02), претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска е на репертоарот на МКЦ, во вторник(28.02), на последниот ден од месецот. Во јавна соба, како и секоја недела (26.02), на репертоарот е детска претстава, „Тајната книга на дедо“.
„Независниот театар е отворен за да биде заеднички простор за потрага по резултатот на идејата која вреди да се реализира, пред се од невработените уметници, актери, режисери, драматурзи и др. Освен оваа цел, ние сакаме да гостуваме со претставите секаде каде што има публика која сака да гледа театар, особено во оние места каде што и домовите на култура едвај работат заради финансиската ситуација што државата во последно време на помалите градови како и речиси насекаде, лошо им ја приредува, или со други зборови, парите се малку за проектите и целите на установите“, велат од театарот.
Надица Петрова и Бобан Алексоски се актерите што во 2020 година го основаа ова независно уметничко здружение, кое живее со многу љубов за проектите, зашто финансиската поддршка е со помала или речиси да ја нема.
„Задоволството на секој остварен проект, реализиран настан и најубавото – освоената публика се оние работи за кои вреди да се изоди и тежок пат. Продолжуваме со исто темпо, а на државата и министерството сакаме да им порачаме да не забораваат дека бројката на невработени театарџии постојано расте, лани беа ветени многу работи кои годинава сосема обратно се практикуваат.
Иднината е во младите, во оваа неуморна сила која три години ја покажуваме независно и сосема задоволно заедно со сите уметници кои до сега работеле на проектите“, додаваат од здружението.