Здружени независни иницијативи вчера преку заедничко соопштение реагираа до министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, велејќи дека далеку од очите на јавноста донесе незаконски и противуставни измени на Правилникот за урбанистичко планирање. Бочварски, пак, денеска со позитивен став се произнесе за последната измена од Правилникот, додавајќи дека општините ги почитуваат правилата за градење, зеленило, коефициент на искористеност и тие се во заштита на јавниот простор и просторно планирање, пренесува МКД.мк.
„Со членот 122 став 5 се дава автономна можност на општините дека ако некој урбанистички план е штетен може да се измени во смисла на висината на градбите. Општините согласно своите планови за развој имаат самостојно право да донесат и корегираат урбанистички планови за да ги зачуваат природните реткости на местото. Реализацијата на ова би била видлива во наредниот период. Во оние планови кои се доставени за потпис во Министерството за транспорт и врски, главно се почитуваат правилата за градење, зеленило, коефициент на искористеност и тие се во заштита на јавниот простор и просторно планирање”, изјави министерот Бочварски, кој денеска учествуваше на јавна дебата „Дискреционите овластувања при донесување на подзаконски акти како ризик од корупција во урбанистичкото планирање.
Според Борчарски, општините треба да ги ревидираат урбанистичките планови. Тој тврди дека многу повеќе се дискутира во јавноста отколку што се преземаат чекори од локалните власти.
„Мојата порака до локалната власт е наместо дискусии, општините да работат повеќе. Министерството останува партнер на општините и во иднина. Борбата за праведно општество не значи и автократско однесување на било кој. Заврши времето кога министри прецртуваа маркици, а овој Закон го дава потребниот баланс на ова општество. Уште еднаш ве повикувам да работиме и да делуваме”, рече Бочварски.
Инаку, вчера здружените граѓански инициативи како Зелен Хуман Град, Шанса за Центар, Независни за Карпош, Подобро за Тетово, Стига E рекоа дека министерот Бочварски останал доследен на својот став од првата прес-конференција пред 2 години дека донесени ДУП-ови не може да се менуваат.
„Не само што остана доследен, туку во мај годинава создаде и дополнителна пречка за каква било можност за менување на плановите во насока на намалување на кој било параметар во обемот на градба и бетонизација на нашите градови и општини. Тоа што над една третина од сите станови во Македонија се невселени, како што покажува последниот попис, не го спречи министерот на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот да го смени Правилникот за урбанистичко планирање на начин што ќе обезбеди во нашите градови да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели“, реагираат тие.
Според активистите, со последнава измена на Правилникот, сѐ она што е внесено во претходните детални урбанистички планови, па колку и тие да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на инвеститорите.
„Стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат. Истовремено, правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни. Со ова се саботира јавниот интерес кој и онака никој не го штити при планирањето, како и правото на достоинствен живот. Тоа стекнато право значи дека обемот на градба по сите параметри во секој следен план или измена на план може само да се зголемува, а никако да се намалува. И повторно без одговорност иако со десетици стручни елаборати се докажани огромните недостатоци, незаконитости, неусогласености и се предвидуваат катастрофални последици по нашите градови доколку таквите планови продолжат да се спроведуваат“, се вели во реакцијата.
Сметат дека самите термини „стекнато право за градење со урбанистички план”, односно „претходно стекнати права со урбанистички план“, утврдени со Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 година и измените и дополнувањата од 2022 година, без притоа истите да се дефинираат и јасно да се утврдат ограничувањата на овие права се спротивни на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за урбано зеленило и конечно, на највисокиот правен акт, Уставот на Републиката.
„Ги повикуваме сите наши сограѓани да ни се приклучат во борбата за враќање на владеењето на правото и правната држава. Нема да дозволиме условите за квалитетен живот на кои имаме право по Устав и по закон, функционерите да ни ги сведат на гола борба за преживување и целосно да ни ги потчинат на бескрајната узурпација и бетонизација на секој милиметар слободна површина. Не смееме да дозволиме да нè поразат и да нè обесхрабрат! Мора да си ги вратиме градовите и општините, бидејќи тие се наши! Го повикуваме Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, веднаш да ги повлече срамните измени на Правилникот за урбанистичко планирање!“, се вели меѓу другото во реакцијата.