По иницијативата на граѓанските организации, уставните судии вчера со мнозинство гласови одлучија да ја оценуваат уставноста на членовите 17 и 18 од Изборниот законик, кои големите партии минатата пролет здружено ги донесоа во скратена постапка и без јавна расправа и го зголемија потребниот број потписи за поднесување на независни кандидатури.
Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд, на прес-конференција рече дека Уставниот суд изразува сомнеж во уставноста на измените на Изборниот законик како од неговата формална, така и од материјалната страна.
„Се нагласува дека, од аспект на две темелни вредности, владеењето на правото и политичкиот плурализам, повреда на принцип на еднаквост на граѓаните како и од аспект на членовите 22 и 23 кои го уредуваат еднаквоста на избирачкото право и пристапот на граѓаните, секој има право да извршува јавна функција“, посочи тој.
Според Костадиновски, се работи за важна одлука, бидејќи по долги години по прв пат Уставниот суд, на некој начин, се одважил и почнал да ја цени формалната уставност, односно постапката за донесување на законите.
„Сега, со овие две одлуки од минатата седница – измените на Кривичниот законик и измените на Изборниот законик – Уставниот суд навлезе подлабоко. Значи дека во наредниот период треба да очекуваме многу уставно подисциплиниран законодавец. Затоа што не е сеедно на каков начин се носат законите, во каква постапка. Никој не го спори правото на законодавецот да нормира, да врши измени и дополнувања на закони, но многу е важна постапката, пред се’ од состојбата на уставност и политичкиот плурализам“, нагласи Костадиновски.
Во однос на политичкиот плурализам, посочи дека тој како темелна вредност на нашиот уставен поредок, не се исцрпува и не завршува со чинот на слободни, фер и демократски избори.
„Напротив. Поради борбата на различни мислења, на различни политички опции и предлози – тој продолжува и понатаму. И, не е сеедно на каков начин законодавецот ги носи законите, односно како го употребува, да речеме – европското знаменце, како што беше случајот со Изборниот законик. Каде за 2-3 одредби што ги изменува се повикува на европска директива, но истовремено прави суштествени измени. Значи, не обични, не козметички, не технички, туку измени од суштествен аспект, без никакво повикување на европска директива и усогласување со европските прописи. Тоа значи дека на голем број пратеници ќе им биде ускратено правото да дебатираат, да даваат предлози, амандмани, со што се ограничува политичкиот плурализам“, забележа тој.
Во овој случај, пак, напомена Костадиновси, измената на цензусот со членовите 17 и 18, е направена исто така во една нетранспарентна и несоодветна постапка, бидејќи се работи токму за суштествени измени, што ќе влијаат на правата на граѓаните на пристапот до јавни функции, независно дали ќе се кандидираат за пратеници, советници, за градоначалници.
„Со самото тоа, според Уставниот суд, се повредува и правната сигурност и правната предвидливост кај граѓаните, што се фундаментални принципи на владеењето на правото. Така да, станува збор за важни одлуки и искрено се надевам дека во наредниот период ние ќе имаме многу поуставно дисциплиниран законодавец“, нагласи Костадиновски.
Одлуката на Уставниот суд веднаш беше поздравена од иницијативата Зелен Хуман Град (ЗХГ), од каде посочија дека Уставниот суд се согласил со независните.
„Уставните судии прифатија да ја разгледаат иницијативата на независните граѓански иницијативи против зголемувањето на прагот на потребни потписи за кандидирање на избори. Партиите се обидоа да им ја одземат на граѓаните можноста да бидат дел од институциите ако немаат партиска книшка, но сите независни здружено се борат да го вратат тоа право! Оваа постапка на судот е првиот чекор кон поништувањето на штетните измени во Изборниот законик кои се противуставни и спротивни на сите меѓународни препораки. По денешната одлука, очекуваме конечна пресуда со која ќе се поништат или ќе се укинат спорните членови“, рекоа од ЗХГ.
Тие ја поздравија одлуката на судот за оценување на начинот на носење законски измени, со злоупотребување механизми за да се протнат штетни измени за сите независни и непартиски граѓани.
„Будно ќе ги следиме идните чекори и со голема надеж веруваме дека на следните избори секој оној, дали е дел од ЗХГ, дел од другите постоечки групи или комплетно нови независни групи, ќе има можност да биде присутен на избирачкото ливче!“, стои во соопштението на ЗХГ.
Инаку, измените на Изборниот законик беа донесени Собранието во март лани, здружено со 84 гласа „за“ и само 2 воздржани. Независните листи уште тогаш остро реагираа дека со ова практично се исфрлаат од игра независните кандидати и се спречуваат да учествуваат на сите следни избори на локално и национално ниво. Односно, како што некои од независните тогаш коментираа, со потребата да собираат потписи од најмалку 1% од избирачите, тие практично се туркани кон тоа да размислуваат дали можеби да се регистрираат како партии, што им оди во прилог на големите партии, со цел да се обесхрабруваат граѓанските иницијативи.
Големите ги туркаат малите од независните листи за да формираат партии
Бојан Шашевски