Независните советнички листи, како листата на иницијативата „Зелен Хуман Град“, Независни за Карпош, Зелените од Гази Баба, Шанса за Центар, Подобро за Тетово и Поинаку од Битола денеска преку заедничка реакција алармираат дека според нивни информации, Изборниот законик ќе се менува на 17 август, во период кога процесот за собирање потписи ќе биде веќе започнат.
Како што велат, Изборниот законик ќе се менува штом пратениците се вратат од одмор на 17 август, со кој треба да се покачи прагот за потребни потписи за учество на независните листи, а дополнително велат дека прагот ќе се зголеми во сите општини каде има најавено независни листи.
„Менување на правилата на игра среде почнат процес за собирање потписи е досега невидено и е вовед во диктатура на партизмот која не смееме да ја дозволиме“, децидни се тие.
„Прагот од 1% не е нималку наивна ниту демократична бројка. Тоа во комбинација со исклучително бирократизираниот процес преполн со административни пречки, за најавените независни листи значи енормно зголемување на потребните потписи, кое е најизразено за Град Скопје. Наместо досегашните 1.000 потписи, за Град Скопје со најавените недемократски измени на Изборниот законик ќе бидат потребни речиси 5.000 потписи. За споредба, на последните локални избори (2017 г.) советничко место во Град Скопје се добивало со 5.700 гласови“, се додава во нивното соопштение.
Истовремено пак, велат и дека по општините, односно во Центар прагот би требало да се помести од 250 на 435 потписи, во Карпош од 350 на 539 потписи, во Гази Баба од 350 на 618, Град Скопје од 1.000 на 4.613, Тетово од 350 на 829 и во Битола од 350 на 818 потписи.
„Но не е само зголемувањето на потребниот број на потписи проблематично во новите измени. Проблематични се и измените со кои наместо на сите учесници во изборниот процес да им се обезбеди фер и еднаков пристап за рекламирање, тој простор е максимално ограничен за ‘помалите’. Со измените, предност во користење на медиумска поддршка во изборната кампања ќе имаат четирите најголеми партии (дури 90%), а за останатите, во кои спаѓаат и независните советнички групи, е определена рамка од само 10%“, се додава во нивното соопштение.
Проблематично според нив е и менувањето на член 67 со одредба за која велат прв пат се воведува во земјава. Според измената, како што додаваат тие, дури и по целиот успешен поминат процес на собирање потписи, доколку еден човек од листата се откаже, со тоа и целата листа ќе пропадне.
Тие го повикаа претседателот Стево Пендаровски да не потпишува измени на Изборниот законик, за кој велат дека прилегаат на режимски земји.
„’Компромисот’ од 1% праг за учество на независните листи на локалните избори е незапаметен удар врз демократијата преку кој директно се загрозува уставното право на претставеност на граѓаните во локалната самоуправа“, велат независните советнички листи.