Нездравите грицки и слатки ќе бидат забранети да се продаваат на касите во супермаркетите во Англија

Супермаркетите во Англија ќе добијат забрана да поставуваат нездрави грицки и пијалоци на касите, а ќе биде забрането и да се продаваат преку акции „купи едно – земи две“, како дел од предложените мерки на владата за справување со гојазноста.

Планираните забрани беа пофалени од здравствените експерти како „храбар прв чекор“ во ветената кампања на британската влада за борба со гојазноста.

Рестрикциите на касите ќе се однесуваат и на други локации каде се истакнуваат вакви производи за полесна продажба, како влезовите на продавниците или пак на краевите на пултовите на кои се изложени производите. Слични правила ќе важат и за интернет-страниците, со забрани за линкови кои рекламираат нездрава храна на насловните страници или пак на страниците за плаќање или излез од сајтот. Рестораните повеќе нема да смеат да нудат бесплатни дополнувања на пијалоци со шеќери.

Овие рестрикции сепак нема да стапат на сила до април 2022 година и во меѓувреме ќе бидат во процес на пошироки консултации.

Правилата кои се однесуваат на попустите, кои треба да ги стопираат сите понуди за поефтини цени за купување повеќе производи на храната која има многу масти или шеќери, ќе важи само за поголемите продавници кои имаат 50 или повеќе вработени. Забраните за тоа каде може да се наоѓа оваа храна во продавниците пак нема да важат само за објектите кои се помали од 185 метри квадратни, како и за специјализираните продавници, како што се продавници за чоколади и слично.

Овие мерки следуваат откако премиерот Борис Џонсон претходно годинава вети дека ќе преземат мерки за намалување на нивото на прекумерна тежина и гојазност кај населението.

„Конечно Даунинг Стрит дејствува одлучно со овој храбар прв чекор за ограничување на продажбата на брза храна или попустите за повеќе купени производи на излезните каси и преземаат нешто за една од најголемите закани за идното здравје на Британија – детската гојазност“, вели професорот Грахам Мек Грегор, од активистичка група за поздрава исхрана.

„Продавниците нема да можат да не провоцираат интуитивно да купиме купишта грицки и слатки на влезовите на супермаркетите… Новите правила нема да важат до средината на 2022, па продавниците и индустријата на храна има доволно време за да се подготви и да ги префрли попустите кон поздрава храна и пијалоци“, објаснува Каролин Черни, од Алијасата која обединува повеќе од 40 здравствени организации, образовни институции и активистички групи.

Во Англија 63 проценти од возрасните се сметаат дека имаат прекумерна тежина или дека живеат во гојазност, додека третина од децата кога завршуваат основно образование се со прекумерна тежина или гојазни.