Волонтерите на Социо-културниот простор Тетово утрово побараа средба со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, со цел, за како што посочуваат, да се најде решение за настанатата состојба по издавањето на известувањето за напуштање на Просторот и меморандумот за соработка.
„Ние не сме подготвени да го напуштиме просторот. Со години инвестиравме не само финансиски туку и доброволно со нашите напори за овој простор да биде отворен за сите“, истакнуваат од „Социо – културниот простор Тетово“.
Оттаму ја посочуваат потребата да се најде решение за проблемот и да продолжат со работа како и досега.
Тимот волонтери информираат дека на градоначалникот Касами му се обратиле преку е-пошта, со надеж дека, како што велат, ќе седнат и ќе најдат заеднички јазик.
„Ние не сме здружение, како што нè нарече градоначалникот Касами, ние сме волонтери кои управуваат со простор на заедницата за сите граѓани. Сите организации и поединци го користат просторот кои сами го одржуваме и управуваме и сакаме дa продолжи и понатаму“, нагласуваат тие.
Минатата недела, откако Општина Тетово побара да го ослободат просторот, тимот се обрати во јавноста барајќи поддршка за зачувување на просторот што, како што велат, самите го ревитализирале и го користеле четири години.
„Social Cultural Space Tetova“ бара јавна поддршка откако општината побара да го ослободат просторот