Никаква количина алкохол не е добра за младите под 40 години, покажува нова студија

Алкохолот носи значителни здравствени ризици и никакви придобивки за младите луѓе, но дел од повозрасните може да имаат одредена корист од пиење мали количини, покажа нова студија која е најголема од ваков вид.

Овој заклучок доаѓа од авторите на Глобалната студија за болести, континуиран проект кој го прави Универзитетот на Вашингтон во Сиетл, во кој се евидентираат податоците за предизвикувачите на болести и смрт низ светот.

Пред четири години оваа студија покажа дека дури и повремен алкохолен пијалак е штетен по здравјето и сугерираше дека властите треба да ги советуваат луѓето целосно да се откажат од пиење алкохол. Но, по новата анализа на глобалните податоци, експертите дојдоа до нов заклучок – младите луѓе се соочуваат со поголеми здравствени ризици од повозрасните.

Нивните сознанија покажуваат дека луѓето над 40 години, кои немаат други здравствени проблеми, можат да имаат и одредени придобивки од ограничени количини алкохол, како што е мала чаша црвено вино дневно, како намален ризик од кардиоваскуларни болести, мозочни удари и дијабетес, пренесува Гардијан.

Нивните сознанија се објавени во списанието „Лансет“ и е прва ваква анализа која го истражува ризикот од алкохол според географски региони, возраст и пол.

Според авторите најстроги правила треба да има за мажите на возраст од 15-39 години, кои се во најголем ризик од штета по здравјето при консумирање алкохол.

„Нашата порака е едноставна – младите луѓе не треба да пијат, но повозрасните може да имаат одредена корист од пиење мали количини. Иако не е реалистично да се очекува дека младите ќе се откажат од пиење алкохол, ние мислиме дека е важно да се искомуницираат овие последни докази па секој да може да носи информирана одлука за своето здравје“, објаснува д-р Емануела Гакиду, професорка по наука за здравствени параметри на Универзитетот од Вашингтон.

Според студијата која ги анализирала навиките за пиење во 204 држави од светот, вкупно 1,34 милијарди луѓе консумирале штетни количини алкохол во 2020 година. 59% од овие лица биле на возраст од 15-39 години, односно лица на кои алкохолот не им обезбедува никаков здравствен бенефит и им претставува ризик – меѓу кое и повреди поврзани со пиењето или сообраќајни несреќи, самоубиства и убиства. Три четвртини од луѓето кои консумирале штетни количини биле мажи.

Научниците истражувале и колку алкохол едно лице може да пие пред тоа да стане здравствен ризик, во споредба со некој што не пие воопшто алкохол. Она што го откриле е дека количината на алкохол која не е здравствени ризик се зголемува со возраста. Како мерка тие поставиле дека стандарден пијалок изнесува чаша од 100мл на црвено вино со 13% алкохол, или пак шише или конзерва пиво од 375мл со 3,5% алкохол.

Нивните заклучоци се дека мажите на возраст од 15-39 години можат да пијат само 0,136 стандарден пијалак дневно пред тоа да стане здравствен ризик, додека жените на иста возраст теоретски можат да пијат 0,273 стандарден пијалак дневно без да го надминат ризикот по здравјето.

Сепак, просечно, препорачаните дози на алкохол за лицата над 40 години остануваат ниски и изнесуваат максимално 1,87 стандардни пијалаци дневно. После таа количина, здравствените ризици се зголемуваат со секој нареден пијалак, стои во студијата.