Професорот Никола Јанкуловски, од Медицинскиот факултет, е реизбран за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје за следните три години.
Јанкуловски кој и досега ја вршеше оваа функција освоил 3.604 поени на денешното гласање, додека на второто место професорот Коле Василевски со 554 поени, соопшти Универзитетската изборна комисија.
Комисијата соопшти дека вкупно гласале 942 од вкупно 1.450 члена на наставно-научните, научните и наставничките совети кои имаа право на глас за еден од седумте кандидати за ректор, а 106 гласачки ливчиња биле неважечки. Се гласаше на 29 факултети и институти при УКИМ, а единствено немаше гласање на Факултетот за драмски уметности во Скопје, кои решија да не учествуваат на изборите.
Вчера тројца од седумте кандидати, професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски најавија дека нема да ги признаат и нема да учествуваат во изборот за ректор, обвинувајќи дека целиот процес се водел во нетранспарентна и недемократска процедура. Пред неколку дена од Независниот академски синдикат – НАкС соопштија дека ќе поднесат претставки против организаторите на, како што велат, противзаконските избори за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Досегашниот ректор на УКИМ, Јанкуловски, во својата изборна програма најавува дека ќе продолжи со актуелните пракси, но и нови кои досега не биле реализирани. Една од нив е студиски програми на англиски јазик за привлекување на странски студенти и доизградба на зградите на ФФОЗД и ФИНКИ. Покрај ова, тој смета дека е потребно да се воведат стручни докторски студии за потребите на стопанството, како и поддрка на докторандите за заштита на нивните пронајдови во текот на докторските истражувања, преку дополнителен центар при ИНОФЕИТ.
„Како ректор на Универзитетот и понатаму ќе ја поддржувам самостојноста и одговорноста на деканите, директорите и наставно-научниот кадар на факултетите и институтите, бидејќи само со одговорни и посветени наставници и декани и директори ќе можеме и понатаму да го градиме нашиот Универзитет како моќна и влијателна институција. И понатаму ќе настојувам со својот тим на соработници, студентите, наставниците, истражувачите и сите други вработени на Универзитетот да се чувствуваат почитувани и да бидат во центарот на нашите интереси и залагања“, стои во програмата на Јанкуловски.
Најавува ставање фокус и на стекнувањето практични вештини, програма за поддршка на студентите со попреченост и формирање посебно одделение за нив. Поголема мобилност на наставниот кадар и поголема автономија во спроведување на конкурсот за упис на студенти. Јанкуловски најавува дека ќе бара да се промени праксата со која за вработување на научен подмладок се бара согласност од Министерството за образование и наука, туку тоа да го спроведува Универзитетот, со надзор од министерството.
Покрај ова, предлага промена на сегашниот модел на избор на ректор, бидејќи според него не ја рефлектира волјата на мнозинството на заедницата и дека со Законот за високо образование се регулира избор, ама не и негово разрешување. Во однос на професорите, ветува зголемување на минималната нето плата и предлага стимулирање на наставниот кадар за создавање на електронска библиотека од материјали за поддршка на наставата и учењето. Во неговата програма се споменува и формирање на веќе започната идеја за Центар за алумни, формирање на Етичка комисија која ќе ги детектира повредите на Етичкиот кодекс на Универзитетот и воспоставување на канцеларија и одбор за управување со квалитетот на УКИМ, составен од наставници од разни научни подрачја.
Целата програма на новоизбраниот ректор Никола Јанкуловски е достапна на следниот ЛИНК.