Сè што произлегува од приватниот простор, а ја менува сликата на општеството кон подобро – вака граѓанскиот активист, Никола Писарев, го опишува поимот волонтерство. Според него, социјалните случувања, екологијата и децата се најчестите теми на кои волонтираат младите бидејќи тоа се теми кои нив и најмногу ги засегаат.
„Македонија е на дното кога станува збор за тоа колку луѓето се спремни да волонтираат. Во споредба со Европа каде процентот изнесува некаде 60 проценти, во Македонија тој би изнесувал од пет до десет проценти. Но, проблемот не е во луѓето што сакаат да волонтираат, туку кај луѓето кои ги викаат младите да волонтираат“, објасни Писарев за време на своето предавање на Летната академија организирана од Младинскиот образовен форум.
Писарев додава дека комуникацијата е многу важна за волонтеризмот и дека луѓето коишто се дел од помали акции се секогаш порасположени. Причината за ова тој ја гледа во тоа дека не е секогаш најважно човек да се залага за големи проблеми, туку некогаш поважно е да успее да помогне да се локализира проблемот.
„Најлесно нешто што може да направете е да натерате некој да волонтира со тоа што ќе ги откриете неговите внатрешни интереси и со тоа ќе го натерате да се приклучи“, рече Писарев.
На прашањето кој и како би можел да го искористи волонтерството, Писарев одлучно изјави дека секој може да го направи тоа, но она што е најважно е да не се изоставува државата кога треба да се најде кој е вистинскиот виновник.
Успехот кој треба да се постигне според него е волонтеризмот и активизмот треба да одат заедно бидејќи не можат да постојат оделно, без да се поклопуваат. Активистите, како и волонтерите учествуваат во акции што се од нивен и општествен интерес, појаснува Писарев.
Неговото предавање на Летната академија беше посветено на разбирањето на заедницата – Што младите можат да ѝ дадат, а што да очекуваат за возврат.Секој од учесниците притоа низ свои лични искуства на волонтирање се обидоа да дадат свои дефиниции за заедницата и за волонтерството.
Емилија Петреска