Новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски смета дека од следната сезона е возможно во Скопје да се воведе градски воз, односно да се искористи постојната железничка инфраструктура за градски превоз со возовите што беа набавени од Кина уште пред скоро една деценија. Според активистите, железничкиот транспорт треба интермодално да биде поврзан со останатиот јавен превоз во Скопје, да се направи цела систем – со автобуси, БРТ или трамвај, велосипедска мрежа – за да има ефект, а притоа во него да може да се возат и велосипедистите и лицата со попреченост.
За да може да се реализира идејата за градски железнички превоз, Александар Николовски рече дека ќе иницира физибилити студија што би ја направиле новите раководства на јавните претпријатија Железници Транспорт и Железници Инфраструктура.
Исто така, посочи дека не се работи за нови инвестиции и за доградба на железничка мрежа, туку за искористување на постојната. За оваа идеја не бара соработка со никого бидејќи, како што вели, има пруга која Железници Инфраструктура треба да ја провери дали е функционална и да ја репарира, а Железници Транспорт, пак, да утврди кои возови може да се стават во функција.
„Студијата треба да каже: колкав проток на патници може да има, кои се железничките станици коишто веќе постојат а не се во функција а треба да се стават во функција, дали треба да се изградат нови и кој би бил најекономичен, најефикасен, најевтин начин тие нови да се изведат, да бидат пристојни, достапни а да не се скапи“, рече Николовски.
Посочувајќи пример, рече дека не се користи пругата што поминува низ населбата Драчево, а како што нагласи, лесно може да ве донесе до центарот на градот.
„Убеден сум дека доколку има редовни возови кои се обраќаат во точно време, се чисти, добро уредени, не мора да се нешто екстра луксузни и цената на билетот е пристојна – бројни граѓани ќе ја користат оваа опција. Бидејќи, за точно време ќе знаат за колку време стигаат од населбата Драчево до Центар, за разлика од сега, кога тргнаат и не знаат што ќе ги снајде по пат, дали со автобус или со автомобил. А, тоа ќе овозможи и на оние кои користат автобуси и автомобили полесен транспорт затоа што ќе се намали сообраќајната гужва. Ова е како да сме паметни тоа што го имаме да го искористиме“, рече Николовски.
Истакна дека ЈП Железници Транспорт е во многу лоша финансиска состојба, па токму еден од начините да му се помогне на претпријатието е да има повеќе патници.
„Еден од подобрите начини за да му се помогне претпријатието е да ја искористиме инфраструктурата во најголемиот и главниот град на Македонија. Дали граѓаните ќе сакаат да го користат или не (ваквиот воз) – ќе видиме, но наше е да им ставиме се’ на располагање. Јас сум убеден дека ќе го користат“, наведе Николовски.
Иницијативата НаТочак ја поздрави ваквата иницијатива, посочувајќи дека Скопје е единствен град во Европа со 600.000 жители кој нема брз висококапацитативен јавен превоз. Тука спаѓаат метро, градска железница, трамвај или БРТ, односно јавен превоз физички издвоен од останатите типови сообраќај.
„Затоа, ваква изјава од новиот министер за транспорт и врски, е навистина прогресивна и за поздрав. Но, ние не сме политичари па да креираме розова слика за работите и кога не се розови, туку активисти кои сакаат работите да се гледаат реално и навистина да се направат како што треба“, посочуваат од иницијативата.
Активистите нагласуваат дека во реализацијата на оваа идеја министерот ќе се соочи со многу реални проблеми. За да функционира железничкиот прстен, велат тие, не се доволни само шините кои ги имаме.
„Станиците по текот на пругата се во многу лоша и недостоинствена состојба, во запуштена околина, со лош пристап. Веројатно нема ни планови ни проекти за тие станици, односно општините си носеле ДУП-ови без идеја за железничкиот прстен“, забележуваат активистите.
За нив нема сомнеж дека успешен јавен превоз може да биде само интегриран јавен превоз. Потребен е систем што би се поврзал со БРТ или трамвај, со издвоени траси па лесно да се пренаменуваат.
„Луѓето не патуваат само по линија од А до Б. Некој ден сакаат да отидат и до Ц, некој ден до Д. За да го користат системот, потребна им е мрежа и потребни им се опции. Исто така, интегрирање со систем на снабдувачки автобуски линии по кои ќе се стигнува до железничките/БРТ станици. Потоа, на интермодалните станици треба да има и паркинзи за приватни велосипеди и јавен систем за изнајмување велосипеди и секако да бидат поврзани и со велосипедска мрежа. Од искуството во европски држави, многу луѓе се расположени да користат воз, кога патувањето до станицата им е скратено, односно не пешачат, туку доаѓаат со велосипед. И, секако интермодалните станици треба да имаат во свој склоп и автомобилски паркинг“, посочуваат од НаТочак.
Доколку овие услови не се обезбедат, велат тие, системот нема да биде доволно успешен, користен од многу граѓани и исплатлив.
„Треба да се размислува и за железничко поврзување (за почеток искористување на постоечките шини, а потоа изградба и на нови) на ниво на скопски регион, зашто голем број од автомобилските патувања и метежот во Скопје е генериран од неговата околина. Зошто нема редовно железнички линии до Зелениково, до Кондово, до Трубарево или до скопскиот аеродром, на пример? Во целиот овој процес посочуваме дека мора да се вклучи широка стручна јавност и клучните проблеми и спорни моменти да и се објаснат и на широката општа јавност, граѓаните“, нагласуваат од НаТочак, дополнувајќи дека иднината е во одржливиот транспорт, не во автомобили по тротоарите.
Дека железничкиот градски превоз е докажано еколошко транспортно решение потенцираат и од еко-организацијата „Гоу Грин“. Еко-активистите велат дека преку него се намалува зависноста од приватните автомобили, потребата од широки булевари и огромни паркинзи, нуди сигурен и доверлив висококапацитативен транпорт на луѓе низ градот, но и до неговите крајни дестинации и предградија.
„Во интерес на борбата против климатските промени се надеваме дека во најавената физибилити студија од министерот Александар Николовски ќе бидат земени предвид сите типови на патници како што се прави во развиените европски и светски градови. Бидејќи е најавено дека ќе се проверат и самите железнички станици и ќе се направи анализа дали треба да се направат нови, сметаме дека треба да се провери и пристапноста на самите станици. Во Скопје има голем број на лица кои се движат со помош на колички (инвалидски, бебешки итн.) и круцијално е да им се понуди безбеден пристап во возовите“, посочуваат од „Гоу Грин“.
Дополнително, повторуваат тие, од огромна важност е да се овозможи мултимодален транспорт, т.е. транспорт на велоспеди во возовите и да се размислува за можност за изнајмување на велосипеди на железничките станици, поврзаност со автобускиот транспорт/БРТ преку делење постојки, Park & Ride систем итн.
„Овие решенија им овозможуваат на патниците кои живеат над 5 километри од крајната дестинација да се движат со воз до најблиската станица и потоа со велосипед до крајната дестинација, која најчесто е низ најголемиот градски метеж. Преку овие решенија огромен број од граѓаните ќе имаат можности да се движат безбедно и брзо низ градот, а со тоа да се намали потребата од автомобили и асфалт“, посочуваат еко-активистите.
Во оваа цел, „Гоу Грин“ стои на располагање на ресорното министерството за понатамошна соработка и смета дека граѓанскиот сектор мора да биде вклучен во сите наредни чекори.
Бојан Шашевски