Министерот за транспорт Александар Николовски тврди дека нема надлежност за да ја поништи дозволата за градба на т.н. 17-катница во Карпош, за која „О2 Иницијатива“ реагираа дека е прибавена на незаконски начин.
„Се работи за надлежност на Општина Карпош. Очекувам граѓаните следната година на локалните избори да прават паметни одлуки и заеднички да ги средуваме работите во Општина Карпош. Јас, стојам позади она што го кажав, се држам до мојот збор и така ќе биде. Се додека е оваа консталација во Општина Карпош, јас нема да потпишам ниту еден Детален урбанистички план (ДУП)“, рече вчера Николовски на новинарско прашање на промоцијата на „100 дена Влада“.
„О2 Иницијатива“ заедно други граѓани на крајот на август јавно побараа Николовски да ја искористи можноста според Законот за општата управна постапка и да го поништи одобрението за градба, односно да спречи комплекс згради позади Поликлиника „Букурешт“, во близина на болницата „8 Септември“.
Сега, со неговото изземање од одговорност и тврдење дека нема надлежност, од „О2 Иницијатива“ велат дека министерот се става над законот.
„Николоски е над законот и прави како што тој мисли, него законот не го интересира. Какво владеење на правото, какво справување со криминалот и корупцијата. Само чист партиски интерес“, реагираат од еко-активистите, потенцирајќи дека барањето до Николовски е пратено на 21 август, а одговор нема повеќе од месец ипол, иако има законска должност да одговори.
Тие повторно јавно го потсетуваат дека неговото министерство, е овластено да врши надзор над работата на општина Карпош што го донела одобрението за градење и е второстепен орган да дејствува, ако општината не постапи согласно законот.
„Ај што не се почитува законот, туку е и крајно безобразно да игнорираш барање доставено до тебе од толкав број на граѓани и здружение. Ако некој ДУП треба да добие согласност од министерството за транспорт согласно законот, му се свиѓало тоа нему или не, должен е да даде согласност, а не уште јавно да изјавува дека додека општината ја води човек кој нему не му се свиѓа, нема да потпишува, ама кога ќе дојде негов човек, тогаш може да се носат нови ДУПови. Калифат е ова или демократска држава со закони? (_) Дали можеби урбаната мафија стои зад него (Николовски), зошто при конкретен случај каде има надлежност да постапи и за кој се води предмет во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, не постапува“, прашуваат од „О2 Иницијатива“.
Од Кабинетот на Николовски за Радио МОФ засега не одговараат дали е разгледано и која е одлуката по барањето на граѓаните и еко-активистите.
Тие долго време се борат против т.н. 17-катница на „ЗФК Ком“ на Фатмир Етеми, чија механизација почна со работа уште од февруари, а како втор инвеститор е Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ формирана од „Орка Холдинг“. Граѓаните протестираа и алармира дека нова огромна градба би донела бетон, ќе го уништи квалитетот на живот, а притоа ќе направи сообраќаен хаос и ќе ја загрози безбедноста на оние што треба да стигнат до Воена болница, која воедно преставува и заштитено добро.
[Фото + Видео] Граѓани на протест против висококатницата во Карпош: Нашето здравје не е играчка
Затоа и по граѓанска иницијатива беше укинато како незаконско, позитивното конзерваторско мислење за изградба на оваа локација. Новото мислење од Конзерваторскиот центар е негативно, но општина Карпош не го прифати нивното барање за поништување на одобрението за градба. Затоа сметаат дека Николовски е можеби последната инстанца за да се спречи урбанистички и сообраќаен хаос.
Бојан Шашевски