Нил Харбисон – првиот киборг уметник во светот

Благодарение на антената вградена во неговиот череп, Нил Харбисон може да слушне слики и бои.

Над неговото чело виси антена која доаѓа од неговиот череп. Ова значи дека неговиот череп е поврзан со „блутут“.

„Јас можам да се поврзам со уредите што ми се во близина, или можам да се поврзам на интернет“, вели тој.

„Така што, јас можам да се поврзам насекаде во светот“, додава.

Покрај Харбисон седи неговиот долгогодишен уметнички соработник, каталонската кореограферка Мун Рибас, која има вграден сензор во нејзината лева рака, кој вибрира кога се случува земјотрес.

„Се чувствувам поврзана за Земјата“, вели таа.

Нејзиниот имплант едвај се забележува, додека антената на Харбисон стана негов препознатлив стил.

Тој верува дека луѓето имаат должност да ја користат технологијата за да ги надминат сетилата.

„Да станете киборг не е само животна одлука“, објаснува тој.

„Тоа е и уметничка изјава – го третирам моето тело и мозок како скулптура“.

Но, Харбисон не е првиот кој тврди дека го направил ова поради уметност. Французинката Орлан, на пример, девет пати направи пластична операција на нејзиното лице, менувајќи го обликот на нејзината усна, чело и образ во обид да имитира неколку икони на женската убавина од западната култура.

Но, Харбисон не само што го менува своето тело: тој го менува начинот на перцепција. Неговата антена е поврзана со чип кој ја преведува бојата во звук.

„Ја детектира светлината на денот и ја претвора во фреквенција која можам да ја слушнам како нота. Сензорот првично беше измислен за ретка форма на слепило наречена ахроматопсија, која влијае на еден од 33 000 луѓе и значи дека го гледа светот во сивило.

Иако уметникот, кој е роден во Белфаст, но израснал во Каталонија, се уште ги гледа работите во сива боја, тој ги слуша боите.

„Сакам да ги слушам Ворхол и Ротко бидејќи нивните слики произведуваат јасни ноти. Не можам да ги слушам Да Винчи или Веласкез бидејќи тие користат поврзани тонови – тие звучат како музика за хорор филм. Тој исто така може да поврзува одреден тон со боја. Па така, звук од телефонски повик го поврзува со зелената боја, додека музиката на Ејми Вајнхаус со црвена и розова боја.

Оригиналниот уред што го користи Харбисон е измислен од експертот за кибернетика од Универзитетот Плимут, Адам Монтандон.

Харбисон (31) сака да биде гледан како киборг. Тој мораше да се бори со Управата за пасоши на Обединетото Кралство бидејќи не му дозволувале да се фотографира за документи со антената. Тој тврдеше дека тоа не е дел од технологијата, туку дел од неговото тело, по што на крај властите попуштија.

Сепак, не добил секаде разбирање. Додека фотографирал демонстрации во Барселона, полицијата побарала тој да ја симне антената од неговата глава. Откако одбил, тие се обиделе да му ја одземат, поради што морал дома да си оди со скинати жици.

„Тоа беше еден од најлошите денови од мојот живот”.

Но, зошто одлучил да го всади имплантот во черепот?

„Сакав да бидам поинаков вид човечко суштество”.

„Веќе 10 години сум киборг. Јас не чувствувам дека користам, или пак дека носам технологија. Се чувствувам како јас да сум технологијата. Јас не ја гледам мојата антена како уред, туку како дел од телото“, вели Харбисон.

Тој ја носи на себе антената дури и кога се тушира и спие.

Антената, исто така, му овозможува да гледа бои кои нормалниот човек не може да ги гледа. Тој може да слуша инфрацрвена и ултравиолетова боја.

За мене, црвената не е бојата на страста, како што е за многу луѓе”, вели тој. „Тоа е мирна боја, додека виолетовата е пресилна за моите уши.”