Nina Kraviz, The Gaslight Anthem, John Digweed и Jozif се само дел од изведувачите кои изминатата недела ги најавија организаторите на овогодинешниот Сигет фестивал, кој ќе се одржи од 5 до 12 август во Будимпешта.
Nina Kraviz, како што е наречена „руската кралица на минималниот хаус и техно музика“ ќе биде дел од Сигет Арена. Таа настапува веќе неколку години на интернационалната електронска музичка сцена, а нејзината музика е секси, заводлива и мистериозна исто колку што е и самата таа. Позната е по нејзините настапи во „Boiler room“ (онлајн музички/видео подкаст).
The Gaslight Anthem свират страствен и оригинален гитарски рок и се дел од Главната сцена. Постојат шест години и имаат 4 студиски албуми од кои последен е албумот „Handwritten“, каде што се наоѓа песната „National Anthem“. Момците се познати и по тоа што Bruce Springsteen често гостува на нивните концерти, настапувајќи заедно со нив.
John Digweed, легендарниот продуцент, диџеј и директор на издавачката куќа „Bedrock“, ќе има свој настап на Сигет Арената. Активен е четврт век, неговите настапи може да се опишат само со суперлативи, а на листата на DJ Mag на Top 100 диџеи, секогаш е меѓу првите 10, веќе една деценија.
Jozif на Сигет ќе ги донесе своите амбиентални, фанк сетови со кои успеа да стане популарен во најголемите клубови во Европа и САД. Неговите дела се објавени од познати издавачки куќи како: Crosstoen Rebels, InFiné и Culprit.
Останатите нови изведувачи најавени за претстојното издание на Сигет се: Mystery Jets, Chuckie, Guy J, Rubik, Nneka, Emiliana Torrini, Feed Me и Camo & Krooked.
Николај Митрески