„Нема слобода ако судската власт е зависна од извршната и законодавната власт“, вели во својот говор студентот Нинослав Нанков, кој победи на 22-рата Ораторска вечер „Иво Пухан“ која синоќа се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Покрај говорот за потребата од реформи во судството на Нанков, кој е студент на Правниот факултет, на финалната вечер говореа уште девет студенти од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на актуелни теми како неквалитетот на образованието, корупцијата и клиентелизмот, родовата еднаквост, конформизмот и Преспанскиот договор.
Ораторските вечери на Правниот факултет секоја година се одржуваат по повод 10 декември – Светскиот ден на човековите права и го носат името на професорот по римско право, д-р Иво Пухан, втемелувачот на Катедрата за правно-историски науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“.