После речиси 100 работни дена и 12 работни викенди по ред лекарите од Универзитетскиот клинички центар во Ниш, Србија успешно ја елиминираа целата листа на чекање на пациенти за кардиоваскуларни операции.
Лекарите од нишката кардиохирургија во декември 2022 година побараа дозвола волонтерски да работат за време на викендите со цел да се намалат листите на чекање, а од Клиниката, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување бараа да им се обезбеди материјал за работа. Сепак од Министерството и управата на Клиниката не одговориле на нивното барање, па лекарите самоиницијативно решија да го спроведат својот план.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија, Драган Милиќ, на Фејсбук напиша дека оваа клиника сега се враќа во редовен режим на работа и дека повеќе ниту еден пациент нема да мора да чека на операција повеќе од 5 до 15 денови, за разлика од претходно, кога се чекало и по половина година за операција.
„Среќен сум што нашите пациенти добија нова шанса да уживаат во животот со своите најблиски… И нормално, доколку во иднина има поголем прилив на пациенти, кои не можат сите да се оперираат во работните денови, повторно ќе работиме за викенди без финансиски надомест за тие да добијат соодветна и правовремена операција“, напиша Милиќ.
Според него на почетокот на годинава Клиниката имала листа на чекање на која се наоѓале 149 пациенти, а сега оваа листа е претворена во листа на закажување на која во моментов се наоѓаат 42 пациенти.
„Во овие 100 дена направени се вкупно 248 операции, а минатата година за истиот период 117 операции. Само во март оваа година беа направени неверојатни 98 операции. Бројот на хоспитализирани пациенти во првите три месеци лани беше 145, а оваа година дури 353“, објави директорот на нишката кардиохирургија.
Тој посебно истакнува дека целиот овој период не починал ниту еден пациент кој бил опериран за време на викендите и дека не се покажала точна претпоставката дека преку викендите се губи концентрацијата и се намалува квалитетот на работата.