Ниските плати, а обемната административна работа во образование, како и непочитувањето на професијата наставник, прави од година в година да се запишуваат сè помалку студенти на наставните насоки по предметите математика, хемија, физика и биологија.
Има училишта кои се соочуваат и со недостиг на наставници по информатика, па често се импровизира и предметот го предаваат други наставници кои го немаат соодветното образование. За тоа, како да се подобри ваквата слика и да се намали дефицитот, а со цел учениците да имаат квалитетни часови, поразговаравме со неколкумина универзитетски професори, пишува „Мета“.
Девалвирана професија
Деканот на Природно-математичкиот факултет проф. д-р Александар Скепаровски смета дека ваквата слика и пракса може да се промени ако се подобри односот на општеството кон наставничката професија, која е на некој начин, девалвирана.
„Интересот за студирање во принцип опаѓа, не само по математика туку и по физика, хемија, биологија. Стипендирани се неколку од овие студии, односно неколку типа на студии кои се сметаат за дефицитарен кадар, и тоа се – физика, математика и хемија. Студентите добиваат солидни 300 евра месечно во траење од 9 месеци во годината. Таа пракса почна пред помалку од 10 години и имаше ефект, но веројатно, не толкав колку што очекуваа луѓето од МОН кои го имплементираа“, вели проф. Скепаровски.
Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски од Институтот за математика е на став дека причина за слабиот интерес за професијата наставник по математика, се ниските плати.
„Колегите по математика ми кажуваат дека се чусвтвуваат неправедно во однос на другите предмети. Една од неправедностите е тоа што математичарот секој месец прегледува и по 200 тестови и писмени работи. Цело време е преоптоварен што не е случај со останатите предмети, а на крајот земаат иста плата. Се отепуваат од работа, а ја добиваат истата плата и тоа ги демотивира. Затоа математичарите се случува да си заминат од образование, па да најдат работа во банки, во осигурителни компании“, вели проф. Маркоски.
Куп административни обврски
Проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија вели дека на наставната насока студираат вкупно осум студенти.
„Ова не е вака само оваа година. Имаме малку студенти, иако овде е важно да има повеќе студенти. Најважно не е да научат хемија, бидејќи тоа се очекува да го знаат од претходно, туку важно е тоа што го знаат да го применат во пракса. Токму тоа го вежбаме на факултет. Важно е потоа студентот да знае во училиштна средина тоа да го пренесе. Не е убаво кога се работи со двајца тројца студенти, па битен сегмент од предавањата се делот што го нарекуваме хоспитации, каде студентите предаваат на местото на наставникот“, вели проф. Стојановска.
И таа нагласува дека проблем е што наставниците имаат многу административни обврски и немаат време да се креативни и да работат со своите ученици. Укажа на пример од неодамна кога нејзин дипломец веднаш се вработил во училиште бидејќи едноставно, има недостиг од наставници.
„Ако порано дипломираните професори со години не можеа да се вработат, сега тоа нивно вработување оди инстантно“, додава таа.
Платата во индустријата е повисока од државната
Училиштата се соочуваат и со сериозен недостиг од информатичари бидејќи во индустријата се плаќа многу повеќе наспроти државната плата.
„Ние имаме една наставна насока која ја нудиме на ФИНКИ, специјална за наставници за во средно образование. Ние ја нудиме, но бројот на студенти кои се запишани на таа насока е десеткратно помал наспроти другите насоки. Матурантите не избираат да одат таму, туку на другите смерови. Знаат дека комерцијалните плати во индустријата се поголеми од државната плата. Не можеме да се бориме со индустријата. Она што е важно е сите ученици да бидат информатички писмени, бидејќи тоа ќе им е потребно за во сите професии. Во недостиг на кадар, можеби треба да се обучат професори од други области кои ќе можат да понудат квалитетно информатичко образование“, вели проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ.