Центарот за најпрестижни универзитети од Шангај, Јиао Тонг универзитетот го објави академското рангирање на најдобрите универзитети во светот за 2013 година и меѓу нив не се појавува универзитет од Македонија.
Универзитетот Харвард се уште е најдобар универзитет во светот. За 2013 година Топ 10 универзитети се: Харвард, Стенфорд, Беркли, МИТ, Кембриџ, Калтек, Принстон, Колумбија, Чикаго и Оксфорд, соопштија од центарот.
Во Европа, ЕТХ Цирих (20) во Швајцарија го зазема првото место и станува првиот универзитет од овој регион кој е наведен меѓу светските Топ 20 во историјата на рангирањето. Пјер и Марија Кири (37) од Франција го престигна Париз (Paris-Sud) кој сега е на 39-та позиција, како втор најдобар универзитет во континентална Европа. Најдобро рангирани универзитетите во Азија и Пацификот се Универзитетот во Токио (21) и Универзитетот во Кјото (26-ти) во Јапонија и Универзитетот во Мелбурн (56) во Австралија.
Од регионот, во друштвото од 401-то до 500 место се наоаѓаат загребскиот универзитет и универзитетот во Љубљана, додека Универзитетот во Белград ја подобри својата позиција и сега се наоѓа во друштвото на универзитети од 301-то до 400 место.
Универзитетот во Гронинген (92) од Холандија за прв пат влезе во Топ 100 листата. Има нови 11 универзитети кои влегоа во Топ 500 листа во 2013 година, меѓу кои и „Кралот Абдула“ – Универзитетот за наука и технологија во Саудиска Арабија, Универзитетот Коимбра во Португалија, и Католичкиот универзитет на Кореја во Јужна Кореја.
Почнувајќи од пред една деценија, ова рангирање претставува годишно презентирање на најдобрите 500 универзитети во светот врз основа на транспарентна методологија и доверливи податоци и е признаено како едно од најдоверливите рангирања.
Целото рангирање може да го погледнете на следниот линк.