Правосудството и политичките партии се институциите во кои македонските граѓани имаат најниска доверба, покажува новото истражување на јавното мислење на Институтот за комуникациски студии на кое ниту една институција не добила висока доверба од страна на јавноста.
Изразено на скала од 1 до 10, Владата (2,8), Собранието (2,7), политичките партии (2,5), Јавното обвинителство (2,5) и судовите (2,4) се институции во кои граѓаните имаат најниска доверба. Претседателот на државата (3,5), полицијата (3,8) и локалната власт (3,7) уживаат умерена доверба, а институција со највисока доверба е армијата (4,9).
Медиумите (3,5) и невладините организации (3,5) исто така имаат ниска до умерена доверба, а меѓународните организации и сојузи, како Обединетите нации (3,9), НАТО (3,8) и ЕУ (3,5), и верските заедници (4,4) уживаат умерена доверба.
Кои се перцепциите за отчетноста на државните органи?
Истражувањето на јавното мислење „Практики за информирање, следење на актуелни случувања и перцепции за транспарентноста на институциите“ го реализираше Институтот за комуникациски студии (ИКС) во текот на октомври и ноември. Во истражувањето беа испитувани перцепциите на граѓаните за нивната доверба во институциите, транспарентноста и отчетноста, како и за начинот на кој граѓаните се информираат и се справуваат со можни дезинформации.
Речиси две третини од учесниците во истражувањето (65,4%) не сметаат дека Владата работи отворено и етички, а релативно висок процент (63,2%) не се согласуваат дека Владата ги почитува демократските институции на државата. Речиси половина (44,2%) од испитаниците сметаат дека Владата често има изговори за функционерите кои се однесуваат несоодветно.
Во поглед на Собранието, помалку од 1% од сите учесници во истражувањето сметаат дека пратениците секогаш се грижат за граѓаните што ги претставуваат, а 2,9% дека пратениците секогаш носат закони и политики што се во јавен интерес. Спротивно, 58,4% од испитаниците сметаат дека пратениците никогаш не се грижат за граѓаните, а 50,2% дека никогаш не носат закони и политики што се во јавен интерес.
На прашањето дали сметаат дека Јавното обвинителство редовно започнува постапки по допрен глас, повеќе од две третини од граѓаните изразиле несогласување (72,5%), а речиси 40% воопшто не се согласуваат дека обвиненијата покренати од обвинителствата редовно добиваат судска разрешница. Дури 70% од испитаниците сметаат дека јавноста не е информирана за текот на судските постапки.
Каква е комуникацијата на државните институции со јавноста?
Ниско е и задоволството кај граѓаните од редовноста, достапноста, јасноста и разбирливоста на информациите од државните институции. Многу низок процент од испитаниците сметат дека јавните институции редовно споделуваат информации (3,2%), а информациите што ги споделуваат се достапни (3,7%), јасни (3,5%) и разбирливи (4,1%).
Прашани за актуелни настани во изминатиот период, висок процент од граѓаните одговориле дека државните институции малку или воопшто не споделуваат информации за уставните измени (64%), измените на Кривичниот законик (64,8%), договорот меѓу Владата и компанијата Бехтел-Енка за изградба на автопати (65,6%) и концесијата на рудници во Струмичко (60,3%).
Повеќе од две третини од испитаниците сметаат дека комуникацијата на државните институции е влошена во поглед на заснованоста врз факти (37%) или не е променета во споредба со последните години (42,5%).
Како граѓаните се информираат?
Повеќе од половина од учесниците во истражувањето (55,6%) изјавува дека се сомнева во сè што се објавува на медиумите. И покрај големиот сомнеж, повеќе од третина од испитаниците (36,6%) не го проверува издавачот/објавувачот на веста, а повеќе од половина никогаш не проверува дали веста има потпишан автор (43,2%). Граѓаните почесто проверуваат како други медиуми известуваат за веста (42,2%) и се советуваат со лица кои ги сметаат за познавачи на темата (43,9%). Иако две третини од учесниците во истражувањето (67,1%) изјавуваат дека можат да препознаат дезинформација, сепак високи 41% одговориле дека понекогаш споделиле вести кои подоцна се покажале неточни.
Според истражувањето, телевизијата (66,2%) и социјалните медиуми (57,3%) се главен извор на информации за граѓаните. Значително понизок процент се информираат преку онлајн агрегати на вести како Time.mk (19,7%) и веб-страници (20%). Нешто повеќе од 10% информациите ги добиваат од пријатели и познаници, додека весниците (6,4%) и радиото (5,8%) се извор на информации за најнизок процент од испитаниците.
Tелефонскатa анкета беше спроведенa од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на репрезентативен примерок од 1.000 учесници – граѓани на Република Северна Македонија на возраст над 18 години од сите региони од државата, во периодот од 20 октомври до 14 ноември 2023.
Истражувањето на јавното мислење е дел од проектот „Користи факти“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
Целосната публикација е достапна на следниов ЛИНК.