На иницијатива на група уметници – Ѓорѓе Јовановиќ, Лубиша Камењаров, Александар Наумовски, Иван Ивановски и Андреј Митевски, Центарот за современи Уметности на спроведе уметнички акции на 5 места во градот Скопје – нацртани се 5 мурали со теми поврзани со актуелната епидемија.
Низ петте мурали се проткајуваат теми како социјалната еднаквост и правда во време на пандемија и значењето на почитувањето на препораките од надлежните се проткаени. Но, оваа уметничка акција се обидува и на еден уметнички начин да оддаде јавна благодарност на медицинскиот персонал, новинарите, репортерите и снимателите, полицијата, комуналните служби и работниците кои работат на секојдневното снабдување и логистика и кои во овие тешки мигови се први на линијата на одбраната на граѓаните, соопшти Фондацијата отворено општество Македонија.
Вртење во круг, да го прекинеме кругот
Иван Ивановски (локација пред поликлиника Бит Пазар)
Идејата на ова дело е да ја потенцира цикличноста на процесите и можноста да се влијае на таа цикличност. Преку иконичната претстава на пес кој ја брка сопствената опашка авторот ја потенцира битноста на свесноста кај секој од нас поединечно за заштита на личното и колективното здравје.
Д-р Нинџа
Љубиша Камењаров (локација фасада на Мобилна монтажна галерија)
Д-р Нинџа е дело кое на луѓето кои се борат со епидемијата без разлика дали се медицински работници, комуналци, полицајци или нешто друго гледа како на супер херои и модерни нинџи. Тие своите моќи ги користат за справување со епидемијата и нејзино уништување за животот да може да се врати во нормала, а со тоа и нивните животи да се вратат во нормала. Идејата всушност има за цел и да покаже дека секој од нас може да им помогне на овие супер-херои на едноставен начин – со тоа што ќе покаже грижа за себе и другите во овие тешки моменти.
Благодарност до здравствените работници, новинарите, комуналците, полицијата и снабдувачите
Александар Наумовски (рампа на кеј на Вардар)
Благодарност до здравствените работници, новинарите, комуналците, полицијата и снабдувачите е работниот наслов на делото на Александар Наумовски. Тема на ова дело се луѓето односно професиите кои во периодот на епидемијата на свој грб ги прифаќаат нејзините удари борејќи се за сите нас и овозможувајќи функционирање на виталните сегменти на општеството. Преку 5 големи портрети (комунален работник, продавачка, медицинска сестра, репортерка и полицајка) авторот во наше име им изразува благодарност на сите нив кои јуначки се жртвуваат во овие тешки моменти.
Короната во тегла
Ѓорѓе Јовановиќ (рампа на кеј на Вардар)
Короната во тегла е дело на Јовановиќ во кое тој на визуелен начин ги претставува напорите на човештвото да го изолира вирусот и да го стави под контрола. Делото на Јовановиќ го опфаќа широкиот општествен контекст на актуелната состојба претставувајќи ги од една страна напорите и потребите на човештвото за зачувување на разумот и потребата да се стави ситуацијата под контрола. Истовремено самото дело дава и пораки за социјална правда и солидарност меѓу луѓето како единствен начин да се надминат вакви тешки состојби како што е оваа со епидемијата на вирусот.
Короната ја напаѓа планетата Земја
Андреј Митевски (бетонски елемент кај железничка станица)
Короната ја напаѓа планетата земја е инспирацијата за ова дело кое ликовно ќе биде претставено во форма на корона вируси кои безмилосно ја бомбардираат земјата. Но за среќа луѓето не остануваат покуси и активно, секој во рамките на својата струка (научници, лекари, војска, полиција, комунални служби) и специфични знаења се вклучуваат во борбата против короната, а со цел што побрзо да ја ослободат планетата од нападот на всушност нам сеуште недоволно познатиот непријател.