Еколози бараат промени на „зелените“ закони, очекуваат јавноста да се вклучи со сугестии

Законска неусогласеност, непочитување на Законот за урбано зеленило од планери и од институции и непочитување на професиите шумарски инженер и пејсажен архитект. Ова се проблемите кои ги утврдил Зелен институт во однос на постоечките регулативи за урбано зеленило и урбанистичко планирање. Имаат предлози како тие да се подобрат, а притоа очекуваат јавноста да се вклучи со сугестии, критики и забелешки до крај на јули.   

На денешната јавна дебата и презентација во Советот на Град Скопје, Лилјана Поповска од Зелениот институт алармираше за неусогласеност на урбанистички термини, неусогласеност на термини за видови зеленило, неусогласеност на прекршоци и глоби, а заостануваат и новите европски трендови за зелената инфраструктура како одговор на климатските промени.

Дополнително, во делот на Законот за урбано зеленило од планери и архитекти, не се носат клучни документи за планирање и проектирање од локалните самоуправи. Понатаму, недостасува јавно достапен зелен катастар, додека урбанистички планови се прават без нормите од 25 м2/жител и минимум 20% зеленило на градежна парцела. Истовремено, некаде се ангажираат нестручни лица за подигање и одржување на зеленилото.

Оттука, за Поповска е несомнено важно има измени на постојните законите и градење со соодветните правилници во вкупно пет акти. Нужно е и да се усогласат и термините за видови зеленило.

„Пример, каде што постојат термини како дрворед, зелен коридор, заштита на зеленило, оштетено дрво итн, предложивме нов термин – урбана градина и зелен покрив, дефиниран попрецизно“, вели Поповска.

Дополнително, од Зелениот институт предлагаат и усогласување на прекршоците и глобите, со трикратно зголемени глоби. Градацијата на правни субјекти, пак, да се направи според големината и да се обезбедат сериозни казни за физичките лица, бидејќи се загрижени за злоупотреби.

„Зошто правиме трократно зголемени глоби? Затоа што во Законот за прекршоци, постои можност за оние прекршоци кои го допираат здравјето и животната средина, тие да бидат и три пати повисоки од вообичаените. Понатаму, за надминување на законската неусогласеност, предложивме да се внесат и еколошки термини за зелената инфраструктура, како многу важен дел од борбата против климатските промени во градовите. Тоа се термините за едносистемска услуга и за принципи за одржлив развој“, рече Поповска.

Како втор сет измени за надминување на непочитувањето на Законот за урбано зеленило, е зајакнувањето на надзорот над локалните самоуправи и комуналните инспектори, со давање надлежност на Државниот инспекторат за животна средина.

„Многу е логично самите инспектори кои се вработени од локалната самоуправа да ја казнат локалната самоуправа, т.е. своите претпоставени за непостапување според законот за урбано зеленило. Да речеме, за неносење на одредени акти и за погрешно постапување итн“, рече Поповска.

Зелен институт предлага и да се зголемат глобите за игнорирање на законот и за административни пропусти на локалната самоуправа. Конкретно, за прекршување на одредени членови каде не се носат клучни документи за планирање и имплементирање на урбаното зеленило.

„Потоа при изработка и носење на ГУП и ДУП, каде не се почитува процесот на зеленило, за неодржување на зеленилото, за неизработка на јавно достапен зелен катастар, за уништување на зеленилото… Сите овие се видови прекршоци кои ги прават локалните самоуправи, а никој практично досега не ги казнил. Затоа воведуваме можност, и досега имаше можност, но никој не се осмелил, немаше воведено пракса за казнување. Сега јавно кажуваме дека мора и на ова да се обрне внимание. Ги зголемуваме казните и воведуваме дополнителен надзор од државниот инспекторат за животна средина“, истакна Поповска.

Зајакнување на нормативите за урбано зеленило од 25м2 на 50м2 по жител на ниво на град, како и од 20% на 30% на ниво на градежна парцела, е уште еден од предлозите за во Законот за урбано зеленило, Законот за урбанистичко планирање и правилниците соодветни на овие закони.

„Предлагаме да се внесе градација на проценти на ниво на градежна парцела, во зависност од локацијата и класата на намена, во самиот закон за урбано зеленило, пресметана според неизградениот процент од Правилникот за урбанистичко планирање“, рече претставничката на Зелен институт.

Исто така, еколозите бараат прецизирање на шумарските формулации за постапување со зеленилото, заради поефикасна заштита, со забранети и дозволени активности на јавни зелени површини. Во меѓувреме, да се зголеми обврската за компензациско садење само во исклучителни случаи каде нема друго решениe, со три до пет поголем обем дрвја, онаму каде има загадување на воздухот.

„Потоа да се внесе обврска за јавно објавување на сите документи, решенија, одлуки и други акти за управување или одржување на зеленилото за да се обезбеди транспарентноста и контролата над работењето на локалните самоуправи“, рече Поповска.

Поради непочитување на професиите шумарски инженер и пејзажен архитект, се предлагаат три работи. Прво, да се прецизира обврската за изработка на проект за пејзажно уредување на зеленило од пејзажен архитект.

Потоа, да се прецизира дека Стратегијата за развој на зеленилото е составен дел од документациската основа на ГУП-от, а основниот план за подигање и развој на зеленилото е составен дел на друга урбанистичко-планска документација.

Истовремено, да се зголеми финансиите за зеленило од 2.5 на 5% за надоместок на уредување на градежно земјиште. Исто така од 5 на 15% од приходи на надоместок за поставување рекламни паноа.

„Предлагаме да се внесат одредби во Законот за градење со кој ќе се овозможи да се спроведат членови од Законот за урбано зеленило, со кој се бара почитување на процентот на зеленило. Да бидат обезбедени и со казнени одредби. Во Законот за урбано зеленило, постојат многу важни членови 22 и 24, кои се поврзани. Во текот на постапката за добивање одобрение за градење, на државниот орган, инвеститорот му дефинира процент на зеленило во согласност со овој закон. Меѓутоа, ова не е е транспонирано во другите закони кои се извршни во процесот на издавање градежна дозвола. Го нема во Законот за градење и практично овој член не се употребува. И членот 24 каде што стои дека актот за употреба на објектот, не може да биде издаден за објекти за кои во текот на техничкиот прием се утврди дека не е реализирано зеленило предвидено со овој закон“, додаде Поповска.

Од Зелениот институт предлагаат да се внесе нова методологија во правилниците за урбано зеленило и за урбанистичко планирање. Со неа би се пресметувало зеленило во секоја станбена единица, заради рамномерен распоред и достапност на сите жители.

„Прво, во Правилникот за урбано зеленило да се внесе методологија за проценка на штети со зеленило, второ за пресадување дрво, трето за пресметување на процентуална застапеност на зеленило, на земјиште на кое или под кое нема градба“, рече Поповска.

Конечно, еколозите бараат да се вклучи зелениот катастар во ажурирање на геодетска подлога, со тоа што ќе се внесат одредби во Законот за катастар и во Правилникот за геодетски работи. Ова е со цел, како што вели Поповска, да се обезбедат ажурни податоци за постојното зеленило во документациската основа на урбанистичките планов. Ова би станал  задолжителен документ и основа за урбанистичко планирање.

Мартин Колоски