Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив ви претставуваме дел од опусот на Лука Крстиќ, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство кој веќе пет години се бави и со фотографирање.
„Фотографијата мене ми лежи при срце, бидејќи ми нуди еден начин да се изразам и да избегам од реалноста додека творам. Откако ги научив правилата и основите започнав да се притискам себеси да фотографирам со сè постари и поевтини фотоапарати како еден предизвик за да си ги тестирам своите граници. Покрај дигитални фотоапарати сакам да сликам и на филм бидејќи ме учи да сум критичен на секој кадар што ми фаќа око за да не трошам филм залудно“, раскажува тој.
Вели дека се обидува да го фотографира секојдневниот стрес, негативните мисли и осаменоста и оттаму последните фотографии, како што вели, му следат апстрактна тема на визуелен хаос.
„Целта ми е на некој начин да доловам моите емоции кај гледачите. Овие фотографии ми се делумно инспирирани од ваби-саби естетиката, каде ги прифаќам имперфекциите како дел од приказната и придонесуваат на хаосот кој сакам да го претставам“, споделува Крстиќ.
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.