Во рубриката #НизТвојотОбјектив денес споделуваме фотографии од Андреј Михајлов кој со својот фото-апарат периодов кога Македонија е зафатена со пожари, ја документира природата околу светининиколско. Тој со фотографирање се бави од 2017 година, а вели дека најмногу го интригира дивиот свет.
„За мене фотографирањето значи слобода, рекреација, лек за депресија, но најважно од се’, замрзнување и вечно зачувување на одредени моменти кои некогаш се толку несекојдневни и неприродни за човековото око што кога ќе се споделат предизвикуваат вчудоневиденост кај луѓето. Едноставно нашите очи се со природно ограничување и кога гледаме низ окуларот на камерата, го гледаме светот од друг за нас мистериозен аспект“, вели Михајлов за Радио МОФ.
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.