#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Емилија Трајковска

Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив го проследуваме изборот фотографии од Емилија Трајковска, студентка на катедрата за Историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Таа вели дека со фотографија се занимава од поодамна, користејќи ја како медиум преку којшто може да прикаже некои нејзини погледи.

„До пред скоро и не ги споделував јавно, туку беа моја лична сатисфакција. Да би можела да одберам супермоќ, тоа најверојатно би било да можам да фотографирам со очите, па и најспонтаните моменти би можела да ги врамам и овековечам“, забележува Трајковска.

Покрај дигиталната, вели дека ѝ се допаѓа и аналогната фотографија.

„Особено поради тоа што претставува цел процес на создавање на фотографија од самиот почеток па до финалниот продукт. Уште нешто што ме влече кон аналогната фотографија е тоа што, ти нуди одреден број на пози (кадри) кои можеш да ги користиш. Живееме во свет со технологија која ни дозволува да сликаме сѐ што ќе посакаме и колку што ќе посакаме“, смета таа.

 

       

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.