Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив ѕиркаме во портфолиото на Каја Тасевска, студентка по Медиуми, уметност, дизајн и архитектура на „Vrije“ Универзитетот во Амстердам (Vrije Universiteit Amsterdam).
Тасевска за Радио МОФ вели дека со силна страст и отворен ум за раскажување приказни низ објективот верува во непроценливите можности да ги поттикне нејзините фотографски патувања до нови височини.
„Тежнеам да ги поместувам границите и да експериментирам со нови иновативни идеи“, вели 20-годишната фотографка која паралелно со студиите посетува онлајн часови по фотографија на Институтот за фотографија во Њујорк.
„Фотографијата е моето хоби и мојата банка за меморија. Се пронајдов во оваа приказна кога го добив првиот дигитален фотоапарат, несвесна дека ќе прерасне во доживотна љубов и надополнување на моите афинитети кон модата, архитектурата и дизајнот. Силно верувам во важноста од сеопфатно истражување и прифаќање на сопствените креативни мисли и емоции. Област што особено ме привлекува е фотоновинарството и документарната фотографија. Овие жанрови се усогласуваат со мојата аспирација да ја доловам суштината на моето секојдневие и да патувам низ уникатен спој на улична и документарна фотографија. Водена сум од желбата да ја искористам моќта на визуелното раскажување приказни за да создадам влијателни кадри кои резонираат со гледачите на едно поинакво ниво“, вели младата фотографка.
Досега таа има учествувано на бројни фотографски конкурси и изложби, а лани се случила и нејзината прва самостојна изложба во Брајсах, Германија.
„Изборот на фотографии кој го направив за оваа рубрика се кадри со сличен сензибилитет од различни временски периоди и локации, дел од едиторијали или ‘случајно’ уловени моменти од патувања, од мојот роден град и земјата каде што престојувам овие 2 години“, открива Тасевска.
„Преку многу повеќе труд и креативно исовршување, мојата цел е да создавам дела кои имаат уште посилна аура помеѓу мене и публиката. Подготвена сум целосно да се втурнам во ова трансформативно искуство, да учам, да растам и да придонесам во енергичната заедница на аспиранти фотографи“, вели Тасевска.
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.