Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив ѕиркаме во фото апаратот на Наташа Величковска која вели дека интересот за фотографија ѝ се јавил додека студирала стоматологија.
„Барав вентил за мојата креативност, па стипендијата стекната со многу напор и учење сакав да ја искористам за посветување на моето хоби кое за кратко ми прерасна во професија“, открива фотографката за Радио МОФ.
Според неа, портретната фотографија е една од најпредизвикувачките да се креаира.
„Портретот ја доловува специфичната емоција, карактер, експресија на секоја индивидуа и секоја бара различен пристап. Крајниот резултат е колаборација и размена на енергија меѓу двете страни. Секогаш од моите модели сакам да извадам чиста и искрена емоција, а тоа е можно само со добра атмосфера при работа и заемна внесеност во моментот“, забележува таа.
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.