Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив ви претставуваме дел од фотографскиот опус на Евангелија Иваноска, студентка на графички дизајн на Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН.
„Работам како графички дизајнер. Ги изразувам своите чувства, ставови и идеи преку фотографија, сликарство и постер дизајн. Во фотографијата наоѓам возбудливост и адреналин а истовремено и мир и бескрајно уживање. Кога фотографирам, сѐ се сведува на тој момент кој е во рамките на кадарот“, вели таа.
Иваноска се занимава со фотографија во движење, портрети, макро, а во последно време и со улична фотографија. Раскажува дека секој пат кога фотографира тоа прави целосно да се впушти во моментот, приказната, светлината.
„Опкружени сме со минливи моменти кои додека трепнеш ги снемува, а некогаш знаат да останат со тебе со години. Тоа се моменти кои ме насмеале, зачудиле или заинтригирале. Секогаш посакувам моите очи да можеа да фотографираат. Па така, кога создавам улична фотографија, поаѓајќи од таа желба се трудам да ги уловам тие моменти. Особено ме усреќува кога во фотографијата има простор за интерпретација и нагаѓање за нејзините околности – што се случило во секундата откако сум ја направила, а што се случувало во секундата пред тоа. Секој пат се трудам да го уловам моментот на границата помеѓу двете“, вели Иваноска.
Повеќе од нејзините фотографии може да погледнете во нејзиното портфолио, а во продолжение е изборот кој таа го сподели со нас:
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.