Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив го имаме Теодор Тасевски, студент на Катедрата за преведување и толкување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” Скопје, кој во слободно време се занимава со пишување и фотографија.
„Фотографијата ми е мене хоби, нешто што ме прави среќен и ми го исполнува денот со естетско задоволство. Среќен сум кога ќе успеам да овековечам сладок, среќен или на било кој начин интересен момент од разни настани, забави, дружења или општо од секојдневниот живот. Сакам луѓето кои ги сликам да се чувствуваат опуштено и слободно пред фотоапаратот и особено ме радува кога ќе успеам некому да докажам колку е убав/а преку моја фотографија, па си објавуваат и си се фалат со неа“, вели Тасевски за Радио МОФ.
За него фотографијата, а како што вели, особено делот на пост-продукција претставува предизвик.
„Сакам да си докажам себеси дека и покрај тоа што сум далтонист, можам да експериментирам и да си играм со бои, да се забавувам и да уметничарам со нешто што не е целосно дел од мојот свет (имам и голема поддршка, се разбира)“, вели тој.
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.